Девет месеци по отворањето на Центарот за дизајн и за иновации „Јавна соба“ стана препознатливо место за младите дизајнери, инженери, амбасадори, директори на компании, кои тука разменуваат мисли и идеи. Но „Јавна соба“ стана и место каде што се оди на вкусен појадок, ручек, вечера, мезе со пријатели. Урбаниот и иновативен простор е замислен како лулка на креативните индустрии во земјата и во регионот.
Од септември е планиранo да почне да работи Центарот за гастрономија каде што врвни готвачи ќе ги откриваат своите тајни на готвењето.
– Ќе им дадеме шанса на неколку млади таленти од Македонија, кои одлично работат и размислуваат. На тој начин ќе ја збогатуваме гастрономската понуда не само во „Јавна соба“ туку и во целата земја – вели Александар Велиновски, директорот на Центарот за дизајн и за иновации „Јавна соба.
Центарот за дизјан и за иновации „Јавна соба“ од септември најави дека ќе стане Центар за гастрономија, каде што врвни готвачи ќе ги откриваат своите тајни на готвењето. Како е замислен „Вкусот на Скопје“?
ВЕЛИНОВСКИ: „Вкусот на Скопје” е замислен да се развива секојдневно со збогатување на постојното мени во „Јавна соба“ и со гостувања на врвни готвачи од земјава и од странство, кои ќе ги демонстрираат своите вештини и мајстории пред пошироката публика. Сите ние сакаме новитети, сакаме изненадувања, шарена и богата трпеза, и со впивање на новите информации, во овој случај техники и вкусови, се здобиваме со нови знаења. Ова е чин на неформално учење, моменти што нѐ прават среќни и нѐ исполнуваат, ги меморираме и преку тие спомени насобираме знаење. Кулинарските работилници и вечери се отворени за целата јавност бидејќи целта е да се сподели знаењето со поголем број луѓе во Скопје и во Македонија. Масовноста за сите овие кулинарски настани од септември ќе биде уште поголема со новата програма што ја развиваме во соработка со агeнцијата „Реборн“ од Скопје.
Кои готвачи ќе гостуваат во Центарот за гастрономија?
ВЕЛИНОВСКИ: Досега имавме чест да вкусиме од редовното и од вонредното мени на Катерина Николиќ, Марк де Јонг, Пол Хотхаузен и Мирко Митровски. За следната сезона, покрај наведените, ќе имаме проширен состав на домашни и странски готвачи. На пример, работилница ќе одржи Игор Чупахин – светски гастроном од Хрватска, но во преговори сме и со други готвачи од регионот. Ќе дадеме шанса на неколку млади таленти од Македонија, кои одлично работат и размислуваат. На тој начин ќе ја збогатуваме гастрономската понуда не само во „Јавна соба“, туку и во целата земја.
„Јавна соба“ постои една година, но полека се претвора во центар за животно образование. Што сѐ се организира и се одржува во „Јавна соба“?
ВЕЛИНОВСКИ: Програмата и активностите што се случуваат во „Јавна соба“ повеќе покажуваат образование и тоа од неформален карактер, кое е потребно во сите пори на општеството. Тоа е и целта на постоење на „Јавна соба“, да образува, да продуховува, да стимулира нови личности активно да придонесуваат во општеството и да го пренесуваат своето знаење на тие на кои им е нужно. Храната не е случајно одбрана како медиум преку кој ќе ги дознаеме другите култури и ќе ја разбереме и вреднуваме и својата култура многу повеќе. Доколку го погледнете менито во „Јавна соба“, ќе видите дека основата е македонска, но дека има влијанија од цел свет. Но, „Јавна соба“ не е само ресторан, секојдневно се случуваат дегустации на нови македонски и странски вина. Ликовните изложбите се менуваат на месечно или на полумесечно ниво, има поетски читања, промоции на нови книги на автори од цел свет. Во период март – јули се реализираа неколку работилници за дизајн за студенти и резиденции за дизајн на осум странски дизајнери што произведуваат мебел во соработка со домашни компании.
Компании секојдневно организираат најразлични настани во „Јавна соба“. Семинари, работилници и предавања се редовна практика во просторот. Затоа и постоиме, да понудиме можности за сите на едно место.
За когo сѐ е отворен Центарот за дизајн и за иновации?
ВЕЛИНОВСКИ: Самото име, кое, конечно, пошироките кругови во градов успеаја да го апсолвираат, кажува дека просторот е јавен и дека секој може да дојде слободно, да вкуси добра храна за појадок, ручек или за вечера, но може и да работи од тука со свој компјутер, да има деловна средба, да искористи алати и машини во работилница или да проследи некој интересен музички настан со дегустација на чаша добро вино. Во „Јавна соба“ навистина доаѓаат од 7 до 77-годишна возраст и секаков профил луѓе: инженери, доктори, амбасадори, министри, до челници на големи компании. Сепак, младите професионалци ги има најмногу. Станува збор за убава и интелигентна публика, која сака и не се плаши од новитети. Прашуваат, учат и покажуваат што знаат пред другите. Динамично е секој ден!
„Јавна соба“ првично е замислена како центар за дизајн и за иновации. Колку е искористен центарот? Доаѓаат ли млади иноватори за тука да ги реализираат своите идеи?
ВЕЛИНОВСКИ: Во последно време повеќето дизајнери што работат во „Јавна соба“ на нов дизајн и на иновации се од странство. Не знам дали интересот за продукција и за иновирање запна кај инертноста на македонските дизајнери!? Не можам да кажам дека нема активни меѓу нив, но очекував да бидат попретпримачки настроени и тие да доаѓаат да нѐ молат да работат во просторот бидејќи им е бесплатно. Во моментов има две млади дизјанерски компании што го користат центарот и условите, „Ви eнд нејчр“ (weandnature.com) и „Ринока“ (rinocca.mk), и браво за девојките! Јавна соба е веќе регионално афирмиран концепт и тоа не само меѓу дизајнерската фела. Пред само еден месец на фестивалот „Миксер“ во Белград слушав коментари дека за храната и за самиот концепт на „Јавна соба“ се зборува и низ Загреб, Тирана, Приштина и Љубљана. Секојдневно имаме посетители од странство, особено од регионот. Се чини треба да почекаме да нѐ преплават странците за домашните да сфатат дека и за нив влезот е слободен. По една година работење ќе ги сумираме резултатите и ќе знаме до каде сме.
Дали постои македонски дизајн? Дали „Јавна соба“ е македонски дизајн?
ВЕЛИНОВСКИ: Јавна соба е 100 проценти македонски дизајн, без никакви примеси од надвор. Станува збoр за автохтон модел на функционирање на основа на социјално претприемаштво. Пред да го создадеме нашиот модел на функционирање направивме анализа на неколку модели од кои можеше многу да се научи, но малку од тоа можевме да искористиме во практика. Секоја средина е посебна и техниката на копирање е често погрешна, дури и фатална во некои случаи.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.