Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека на својата веб-страница www.sec.mk го објави списокот на 39.502 граѓани чии записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно за кои има несовпаѓање на податоците кои се предмет на проверки во Избирачкиот список.
Советникот во ДИК, Адмир Шабани денеска на прес-конференција рече дека ДИК овој список ќе го објави и во нејзините подрачни одделенија и канцеларии, како и во сите месни канцеларии на Министерството за правда односно на Управата за водење на матични книги.
– На вчерашната седница ДИК го усвои и јавниот повик со кој ги повикува сите 39.502 граѓани чии записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, да се проверат во овие списоци и во него ги објаснуваме сите постапки кои тие треба да ги направат при пријавувањето. Овој јавен повик денеска е испратен до МТВ1, МТВ2 и МТВ сателитски канал, како јавни канали кои се должни ова да го објавуваат, рече Шабани.
Тој апелира сите медиуми да ја објават содржината на јавниот повик, бидејќи, како што појасни, се работи за активност од јавен интерес.
Потенцира дека ДИК на вчерашната седница усвоила заклучок со кој на сите овие граѓани по пошта ќе им пушти покана да се проверат и да се пријават во текот на периодот кој следи.
– Оваа активност трае од денеска до 19 август заклучно со измените на Изборниот законик. Во тек е подготовка и на останата медиумска кампања која вклучува кратки видео спотови и постери, рече Шабани.
Пријавувањето на овие граѓани, нагласи, може да се врши на неколку начини – лично во ДИК или во подрачните одделенија или канцеларии на ДИК секој ден од денеска до 19 август во периодот од 8:30 до 19 часот.
Граѓаните може да се пријават лично во дополнителните канцеларии на ДИК со седиште во единиците на локалните самоуправи и тоа во Ѓорче Петров, Сарај, Студеничани, Аеродром, Шуто Оризари, Бутел, Арачиново, Чучер Сандево, Петровец, Липково, Долнени, Боговиње, Брвеница, Желино, Јегуновце, Теарце, Маврово Ростуше и Врапчиште.
– При личното пријавување граѓаните задолжително треба да поднесат важечки документ за лична идентификација. Еден од другите начини на пријавување е и електронското пријавување преку посебна веб апликација на ДИК, која е ставена на веб страната на ДИК. При пополнување на бараните податоци во веб апликацијата граѓаните кои на овој начин ќе одлучат да се пријават задолжително треба да прикачат и валиден документ за идентификација, нагласи Шабани.
На прес-конференцијата беше презентирана и веб-апликацијата за пријавување на 39.502 граѓани, која, како што беше посочено, е многу едноставна за користење и достапна преку веб страницата на ДИК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот