Навивачите на Борусија Дортмунд се меѓу најдобрите на планетата, „Сигнал Идуна Парк“ е еден од најпосетените стадиони на светот, а во просек домашните натпревари на „милионерите“ ги следат 80 илјади гледачи. Сега, раководството на финалистот во Лигата на шампионите има слатки маки, како да одбере 24 илјади среќници кои ќе патуваат во Лондон на 25. мај за финалниот меч против Баерн. За билети се пријавиле точно 502.567 луѓе, до вчерашниот последен ден за онлајн пријава.
– Ова е неверојатно. Очекувавме голем број навивачи да се пријават, но бројката од половина милион е сензација. Имаме на располагање само 24.042 тикети, колку што ни следуваат според правилата. Ќе мора да најдеме модел за да биде фер-плеј – велат од Борусија.
Капацитето на „Вембли“ е 86 илјади, а финалистите заедно добиваат околу 50 илјади билети. Цените се движат од 100 до 400 евра, што е премногу за германските навивачи, кои се навикнати на многу поефтини билети за следење на натпреварите во Бундеслигата. И Баерн и Борусија продаваат поефтини сезонски билети, од сумата што ќе треба да се плати за само еден меч, па макар бил и финале во Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.