Пеп Гвардиола повеќе од еден месец се обидува да го осигура доаѓањето на Пјер-Емерик Обамејанг во Манчестер сити, но сега веќе е јасно дека овој трансфер сигурно нема да се реализира. „Граѓаните“ испратија и понуда од 70 милиони евра за да го доведат извонредниот голгетер во своите редови, но пресудна сепак е желбата на Обамејанг летово да остане во Дортмунд и со засилениот тим на Борусија да атакува на титулата во Бундес-лигата.
Воедно, Обамејанг јасно стави до знаење дека кога ќе дојде време за заминување од Борусија Дортмунд, тоа сигурно нема да биде ниту во Манчестер сити ниту во било кој друг англиски премиерлигаш.
– Од Дортмунд би си заминал само за еден клуб, а тоа е Реал Мадрид. Не кријам дека сонувам еден ден да заиграм за Реал, но се уште не е дојден тој ден. Во моментов се чувствувам прекрасно во Дортмунд и едвај чекам да почне новата сезона – изјави Обамејанг за телевизијата ЗДФ.
Овој 27-годишен голгетер имаше извонредна сезона, постигнувајќи 39 гола на 46 натпревари во дресот на „милионерите“ од Дортмунд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.