Kултниот роман „Мостот на реката Kвај“ од францускиот писател Пјер Бул излезе од печат на македонски јазик. Делото го издаде книгоиздателството „Македоника литера“ од Скопје, а преводот од француски јазик го направи Дарко Цветаноски.
Ова дело на Бул првпат се објавува на македонски јазик. Фасцинантната приказна според која во 1957 година е снимен истоимениот филм кој освоил дури седум награди „Оскар“ зборува за храброста, истрајноста и судирот на две завојувани империи, навидум сосема различни, сепак прилично сродни. Романот е фикција, но е напишан врз основа на вистински настани.
– За време на Втората светска војна, Бул бил инженер кој служел меѓу Слободните Французи во Сингапур, каде што бил заробен и подложен на две години принудна работа. Искуствата при градењето на озлогласената „Железница на смртта“ ги пренесол во романот „Мостот на реката Kвај“, кој бргу станал исклучително добро прифатен од читателите, и кој уште истата година ја добил наградата „Сент-Бев“ – велат од „Македоника литера“.
Приказната се случува во 1942 година, среде походот низ Азија. На Јапонците им е потребна железница од Бурма кон север, која треба да ја градат нивни воени заробеници. Британските заробеници од еден затворенички логор се принудени напорно да работат за изградба на мостот. Полковникот Николсон е примерен британски офицер, во заробеништво. Kога неговите јапонски чувари му наредуваат да го изгради мостот за стратешки напад во југоисточна Азија, кодексот на воена чест на полковникот не му остава друг избор освен да ја послуша наредбата. Додека со своите војници во тешки заробенички услови го гради, британската војска планира да го дигне мостот во воздух.
– Приказната за подигањето на мостот и прашањето за неговата судбина отвора низа филозофски прашања за човековата природа и нејзините спротивставени тенденции за создавање и за уништување. Таа е одраз на менталитетот на еден исцрпен и разурнат свет, како последица од стравотните разорувања на Втората светска војна. Под сета груба надворешност, главната порака на овој роман се значењето и одржувањето на цивилизациските вредности, дури и во услови на целосно отсуство на цивилизацијата – велат од „Македоника литера“.
Филмската адаптација на ова дело е режирана од Дејвид Лин и има освоено седум оскари – меѓу кои и за најдобар филм, адаптирано сценарио и режија и се смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња. Пјер Бул (1912-1994).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
„Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ