| четврток, 6 декември 2018 |

Жерновски се фали дека одбил мито, ВМРО-ДПМНЕ бара да го пријави случајот

жерновски и љубчо 1Новиот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски преку Радио Слободна Европа обвини дека, како посочува „градежната мафија“ почнала да му доставува понуди.

– Реков дека урбаната мафија ќе мора да си најде друга општина, нема што да бара во Центар. Ми пристигнуваат понуди да продолжам со тоа што е направено во Деталниот урбанистички план, да не преземам конкретни мерки за Деталните урбанистички планови на Водно и слично, посочува жерновски за Радио Слободна Европа.

ВМРО ДПМНЕ го повика Жерновски да посочи кој му нудел мито.

„Им се извинуваме на граѓаните што на вака значаен верски празник излегуваме со реакција, но мора да потенцираме дека наводите кои беа кажани од Андреј Жерновски не смеат да останат незабележани и сметаме дека е значајно прашањето кое сакаме да го потегнеме во јавноста.
Имено, тој кажа дека до него пристигаат, како што самиот вели,  бизнис понуди од градежни фирми и поединци, што претставува еклатантен пример за мито и корупција. Тој е должен како вршител на јавна функција, но на крајот на краиштата и како граѓанин на оваа правна држава, да излезе и јавно да ги соопшти, или до надлежните институции да ги пријави,  субјектите кои му нуделе мито, бидејќи во спротивно тој ќе биде соучесник  и ќе се смета дека прикрива случаи на корупција и нудење на мито.
Доколку не го стори тоа, остануваат две опции. Првата опција е дека свесно лаже и ја манипулира јавноста, а втората опција е дека прикрива корупција или обид за корупција.
Го повикуваме Андреј Жерновски да излезе во јавноста за да ги соопшти фирмите и поединците кои, до него и неговите соработници, како што тврди тој,  испраќале коруптивни понуди или му нуделе мито“ пишува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top