Пол Погба се уште се наоѓа на одмор по настапот на ЕВРО 2016, а како што стојат работите францускиот интернационалец воопшто нема да се врати во Јувентус, бидејќи во меѓувреме ќе биде комплетиран неговиот трансфер во редовите на Манчестер јунајтед. Италијанскиот весник „Газета дело спорт“ тврди дека тоа ќе се реализира во текот на оваа седмица, откако менаџерот Мино Рајола отпатувал за Манчестер, за целосно да ги договори сите детали околу трансферот на францускиот ас на „Олд трафорд“.
Јувентус веќе ја одредил цената на Погба – 100 милиони евра, сум што управата на англискиот гигант е подготвена да ја плати откако Жозе Мурињо ги убедил своите работодавци дека токму младиот Французин е играчот околу кого тој ќе ја гради играта на „ѓаволите“.
Според „Газета“, вкупната вредност на овој трансфер ќе изнесува неверојатни 185 милиони евра, од кои Јувентус ќе добие 100 милиони, Погба ќе инкасира 25 милиони како бонус за самиот потпис на новиот договор, а Французинот ќе добие и вкупно 60 милиони евра на име плата за петгодишниот договор (12 милиони евра по сезона).
Масимилијано Алегри изјави дека би сакал да го има Погба во тимот и за следната сезона, но јасно е дека „старата дама“ нема да ја пропушти можноста да заработи огромна сума на играчот што пред четири години го доведе без никаква отштета токму од Манчестер јунајтед. Јувентус веќе го доведе Миралем Пјаниќ од Рома како засилување за средниот ред, како и Дани Алвеш и Бенатија за освежување на одбраната, се очекува до крајот на оваа седмица да биде комплетиран и трансферот на Марко Пјаца од Динамо Загреб, но јасно е дека доколку добие 100 милиони за Погба, италијанскиот првак ќе потроши дел од овие пари за дополнително засилување на играчкиот кадар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.