Европската куќа на фудбалот на својата официјална страница ја објави листата на десетмината фудбалери кои ќе се борат за титулата најдобар играч на Стариот континент за сезоната 2015/2016. На првичниот список се најдоа 47 имиња на фудбалери кои се посериозни кандидати за престижната награда. Денеска истиот беше скратен на десет , а во вториот круг за две недели ќе отпаднат уште седуммина.
Апсолутен фаворит за оваа награда е Кристијано Роналдо, кој во изминатите дванаесет месеци се закити со европски круни и на клупско и на репрезентативно ниво, па признанието за најдобар европски фудбалер сосема заслужено ќе заврши во негови раце. Покрај Роналдо меѓу најдобрите десет има уште троца фудбалери на Реал, Пепе, Герет Бејл и Тони Крос, тука се и Лионел Меси и Луис Суарез од Барселона, потоа Мануел Нојер и Томас Милер од Баерн, Антоан Гризман од Атлетико Мадрид и Џанлуиџи Буфон од Јувентус.
УЕФА ја објави и ранг-листата на фудбалери кои се најдоа од 11. до 47. место. Интересно е што Бразилецот Нејмар се најде дури на 19. позиција, а пред него покрај најдобрите десет играчи се најдоа уште и Ријад Махрез, Џејми Варди, Димитри Паје, Џером Боатенг, Артуро Видал, Лука Модриќ, Нголо Канте и Златан Ибрахимовиќ.
Конечниот победник ќе биде објавен на 25 август во Монте Карло, при извлекувањето на групите за новата сезона од Лигата на шампионите. Минатата сезона оваа награда заврши во рацете на Лионел Меси, а Кристијано Роналдо веќе го освои истото признание во 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.