Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, заедно со претставниците од пиварите што се составен дел од фестивалот, на денешната прес-конференција ги објавија сите детали околу организацијата на „Пивофест“ и ги поканија гостите на добра забава. Градот е подготвен за почетокот на 14. издание на фестивалот на пивото и скарата.
Ристески го нагласува дружењето меѓу домаќините и очекуваните над 350.000 гости, економскиот бенефит на градот и регионот, а вети максимална безбедност и прифаќање на сите оние кои во најавените четири дена ќе бидат гости во Прилеп, а на кои на располагање им се околу 20.000 паркинг места.
– И на овој „Пивофест“ ќе имаме многу испиено пиво, многу изедена скара и одлична забава. „Пивофестот“ не е само обичен фестивал, туку голема туристичка атракција на градот и на Македонија. Очекуваме од 350.000 до 400.000 гости колку што стандардно го посетуваат фестивалот. На „Пивофест“ има три во едно, а тоа се: преку 40 видови пиво, квалитетната скара и добрата забава во текот на сите четири дена – изјави градоначалникот Ристески.
Од здружението на граѓани ЦГИ – Прилеп посочија дека на 20.000 метри квадратни ќе бидат поставени 30-ина штандови. Хотелските капацитети и приватното сместување се скоро исполнети, а место се бара и во околните градови. Поради добрата услуга ќе биде продолжено и работното време на сите трговски и угостителски објекти во градот.
Инаку на прес-конференцијата од страна на пиварите беше потенцирано дека годинашниот ,,Пивофест“ ќе биде во знакот на многуте изненадувања.
Како и минатата година така и оваа, сите кои сакаат да патуваат со воз ќе можат да го посетат „Пивофест 2016“ во Прилеп бесплатно со возовите на Македонски железници.
Фестивалот на пивото ќе се одржи од 14 до 17 јули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.