Ако досега бејбиситерки беа сите оние кои не можеа да најдат работа, отсега тоа нема да биде дозволено. Отворање агенции за чување и и нега на деца од предучилишна возраст, е една од новините кои ги донесува Предло-законот за заштита на децата кој е во собраниска процедура.
– Со ова непосредно се надминува проблемот со нерегистрирани лица кои чуваат деца и воедно со регистрација на агенциите, лицата кои работат односно даваат услуга чување на деца имаат одговорност и нивната работа е предмет на инспекциски надзор и контрола – рече министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.
Се предлага и граѓани, а не само институции, да вршат одредени работи од дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст како професионална дејност, во домот на родителите и во сопствениот дом. Предвиедено е со оваа мерка да се стимулираат невработени лица да се вклучат во системот на заштита на децата преку давање на услуга – чување на деца.
Новиот закон за заштита на децата воведува и регистер на правни и физички лица кои вршат дејност во рамките на системот за згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст и на установи за одмор и рекреација на децата. Овој регистер ќе го води Министерството за труд и социјална политика и ќе биде објавен на неговиот веб-портал, со што на заинтересираните ќе им се овозможи да проверат дали лицето кое сакаат да го ангажираат има лиценца за вршење на одредени работи во дејноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


