Французинот Антоан Гризман е избран за најдобар фудбалер на ЕВРО 2016 година. Најдобриот стрелец на шампионатот, со шест постигнати гола и две асистенции, ја доби оваа награда од техничката комисија на УЕФА, составена од имиња како сер Алекс Фергусон, Алан Жирес, Дејвид Мојес, Паки Бонер, Мичу Пателаинен, Саво Милошевиќ, Петер Рудбек, Герет Саутгејт, Томас Шаф, Жан – Франсоа Домерк, Жинес Мелендес и Жан – Пол Бригер.
„Антоан Гризман беше опасност за противничкиот гол на секој натпревар од шампионатот. Тој работеше напорно за својот тим, поседувајќи одлична техника, визија и квалитетна завршница. Техничката комисија со едногласна одлука го избра за најдобар фудбалер на турнирот“, стои во соопштението на УЕФА.
Гризман е дел и од ’дрим – тимот’ на ЕВРО 2016, каде се наоѓа заедно со Кристијано Роналдо и уште тројца други фудбалери од победничката селекција на Португалија. На голот на најдобриот тим на Европското првенство се наоѓа Руи Патрицио (Португалија), во одбраната се Кимик (Германија), Боатенг (Германија), Пепе (Португалија) и Гереиро (Португалија), средниот ред го сочинуваат Ален (Велс), Крос (Германија), Рамзи (Велс), Паје (Франција), Гризман (Франција), а во нападот е Роналдо (Португалија).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.