Баерн Минхен денеска и официјално го промовираше Карло Анчелоти во нов шеф на стручниот штаб. Искусниот италијански стручњак по едногодишна пауза му се враќа на фудбалот, а на „Алијанц арена“ го наследува Пеп Гвардиола, кој се пресели во Премиер-лигата на клупата на Манчестер сити. Анчелоти има многу високо мислење за својот претходник, кој ја продолжи добрата работа на Јуп Хејнкес, па така Баерн Минхен доминира во Бундес-лигата со четири титули во низа.
– Чест ми е што сум овде. Полн сум со енергија и едвај чекам да почнам со работа. Знам дека Баерн е еден од најголемите клубови не само во Германија, туку и во Европа, свесен сум за предизвикот. Нема да менувам премногу бидејќи сметам дека нема потреба од револуција, Пеп Гвардиола работеше одлично во изминатиот период и ми остави супер тим. Сигурно ќе сакам да оставам свој печат, но играта нема да биде многу поразлична од онаа под водство на Гвардиола – изјави Анчелоти.
Италијанскиот стручњак откри и дека разговарал со Марио Геце, кој се наоѓа пред заминување од „Алијанц арена“.
– Се сретнав со Геце и му ги соопштив своите планови во врска со него. Тоа беше спротивно на неговите желби, Марио го знае и ставот на клубот. Тоа е се што можам да кажам во моментов – истакна Анчелоти на денешната прес-конференција.
За очекување е Баерн Минхен да го продаде Геце за околу 20 милиони евра, а во моментов најзаинтересирани за овој фудбалер се Тотенхем, Арсенал и Борусија Дортмунд.
Во меѓувреме, баварскиот гигант ја договори продажбата на Пјер Хојбјерг, кој за 12 милиони евра ќе се пресели во англискиот премиерлигаш Саутемптон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.