| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Оливер Спасовски поради смртта на Никола Саздовски

Денес сме сведоци дека уште еден млад живот е изгубен. 21-годишниот Никола Саздовски им подлегна на повредите кога пред 10 дена на автобуска постојка беше избоден од тројца напаѓачи. За жал, овој случај не е ниту прв, а со заштитничкиот однос на власта кон криминалот, веројатно нема да биде ниту последен.

На местото на несреќниот Никола можеше да биде кое било друго момче. Има ли поголем апсурд за правниот систем кога против напаѓачите МВР поднесува само кривични пријави за насилство, а млади момчиња ги губат своите животи?, прашува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Овде не станува збор за насилство, додаде тој, туку, како што видовме, за брутално убиство. Тој рече дека Оливер Спасовски во најмала рака мора уште веднаш да си поднесе оставка. „Бараме да се најдат веднаш сите сторители, бараме делото да се квалификува како убиство, а не да се покрива со некакво насилство. Исто така, бараме соодветна казна за сторителите на ова срамно и кукавичко дело. Ова е најмалку што може да се направи за малиот Никола Саздовски да може да почива во мир“, рече Арсовски.

Има ли поголем апсурд, додаде тој, кога Владата и МВР најпрвин прикриваат, а потоа забошотуваат убиство на исто така млад човек, Мартин Јанушев?

„Почитувани, има ли поголем апсурд кога пред само неколку месеци имаше исто така прободено малолетно дете на автобуската постојка кај Рекорд во самиот центар на Скопје, тоа беше на 1 март, а министерот Спасовски и СДСМ ја лажат јавноста за професионално работење. Криминалот секојдневно го гледаме на улиците, а младите навечер кога излегуваат, се плашат за сопствениот живот. Скопје, за жал, стана едно криминално гето, каде што родителите не знаат дали децата ќе им се вратат од град живи и здрави дома. Стапката на криминалот во последната година е зголемена до плафон. Само за една година имаме случај каде што е убиен Мартин Јанушев пред својот дом, имаме убиство на младо 24-годишно момче, кое е убиено во Чаир непосредно пред својот дом, имаме прободено дете од групата „Комити“ на Рекорд, кое се бореше за својот живот, имаме убиство во Мала Речица и уште редица многу други криминални случаи“, рече Арсовски.

За жал, додаде тој, сите овие случаи се без конкретни разрешници, каде што сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата и ќе добијат соодветни казни за она што го сториле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top