Под мотото „Четири години – седум жртви, Стоп за црната статистика“, попладнево на платото пред поранешната управна зграда на рудникот „Саса“ во центарот на Македонска Каменица се одржа протестен собир.
Од Организацискиот одбор истакнаа дека целта на собирот е на мирен и достоинствен начин да се укаже на големиот број рударски несреќи и жртви, за последниве четири години по рестартирањето на рудникот „Саса“ од руската компанија „Солвеј“. Повод за собирот е последната, седма по ред, рударска несреќа со смртни последици во „Саса“.
Според претседателот на Организациониот одбор, Ненад Гоцевски, протестот е јавно обраќање до надлежните инспекциски органи за постојано следење и доследна примена на законските мерки за безбедност при работа.
Учесниците на собирот побараа да се направи ревизија на постапките на сите смртни случаи во „Саса“ и отворање повторна истрага.
– Рудникот „Саса“ постои од рударите и за рударите, како што и Општината постои од граѓаните и за граѓаните. Затоа кога се работи за животот, безбедноста и условите за работа на нашите татковци, синови и браќа, тука нема политичка или каква било друга поделеност на населението – истакнаа од Организацискиот одбор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


