| четврток, 6 декември 2018 |

Историјата меѓу Франција и Португалија, во пресрет на финалето на ЕП

Историјата на меѓусебните дуели меѓу Франција и Португалија открива дека традицијата е на страната на домаќинот.

Корисна информација за љубителите на фудбалот, статистиката, е тоа дека Португалија никогаш ја нема победено Франција на големите натпреварувања.

Всушност, овие две репрезентации не се среќавале многу често, имаат одиграно само три меча, а на сите „триколорите“ биле победници.

Интересно е што двата походи до сега на Франција кон титулата за шампион на Европа во нејзината фудбалска историја, воделе преку Португалија. И во обата случаи Португалците им биле противник на Французите во полуфиналето и два пати губеле во продолженијата.

fra-por-history-5

Првиот мегдан на големите натпреварувања Франција и Португалија го имаа на Европското првенство во 1984 година, кое исто така се одржуваше во Франција.

Тој полуфинален дуел е одигран на „Велодром“ во Марсеј и заврши со победа на „триколорите“ од 3-2 по одиграните продолженија. Во регуларниот дел од мечот беше 1-1.

Херој на тој триумф за Французите беше легендарниот Мишел Платини, кој го реши победникот во 119. минута. Жан-Франсоа Домерг ги постигна првиот и четвртиот гол, а Жордао вториот и третиот.

 

fra-por-history-8

Следниот дуел на европските шампионати овие две репрезентации го имаа во полуфиналето во 2000 година, кое се играше во Брисел на стадионот „Крал Бодуен“.

И тогаш беше 1-1 после регуларните 90 минути, Нуно Гомеш ги доведе во водство Португалците уште во раната фаза од мечот, а Тиери Анри израмни на почетокот од второто полувреме. Победата на Франција им ја донесе Зинедин Зидан со златниот гол од пенал во 117. минута од продолженијата, откако Ксавијар играше со рака на самата гол линија.

 

fra-por-history-3

Последен пат Французите и Португалците се сретнаа на „Алијанц арена“ во Минхен, исто во полуфиналето, но овој пат на светското првенство во 2006 година. Зинедин Зидан повторно го реши победникот, „триколорите“ минимално го добија тој меч, но за разлика од претходните победи над Португалците во полуфиналињата од европските првенства, тука не ја освоија титулата светски шампион, откако Италија беше подобра на пенали во финалето.

Инаку, Франција и Португалија досега имаат одиграно вкупно 24 натпревари меѓусебе, Португалците победувале 5 пати, сите пет во пријателски мечеви, а последен пат тоа се случи пред повеќе од четири децении, во 1975 година.

Нерешено играа само еднаш, во далечната 1928 година (1-1), а Франција забележа вкупно 18 победи, а интересно е што Французите победија на последните 10 меѓусебни дуели.

Последен пат финалистите од вечерашното финале на ЕП, се сретнаа минатата година во Лисабон, „триколорите“ триумфираа со голот на Валбуене во финишот на тој пријателски натпревар.

Првиот меѓусебен дуел Франција и Португалија го имаа во 1926 година во Тулуз, заврши со победа од 4-2 за Французите, а најефикасната победа обете репрезентации ја имаа со резултат од 4-0, Португалците во 1927 година, а Французите во 2001 година.

 

fra-por-history-1

Последниот меч кој Франција и Португалија го одиграа на стадионот „Стад де Франс“, на кој ќе се одигра вечерашното финале, датира од октомври 2014 година. Тогаш „триколорите“ победија со 2-1, стрелци за легијата на Дешамп беа Бензема и Погба, а поразот на Португалците го ублажи Кварезма со гол од пенал.

Вечер финалето меѓу Франција и Португалија започнува во 21:00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top