| четврток, 6 декември 2018 |

Португалија или Франција, денес Европа ќе добие нов фудбалски владетел

Домашната репрезентација на Франција и репрезентацијата на Португалија вечер имаат дуел на „Стад де Франс“ во финалето на Европското првенство.

Французите ќе играат за својата трета титула, беа европски прваци во 1984 година, кога исто така беа домаќини на првенството и во 2000 година, а вечерва го играат финалето на истиот стадион на кој што во 1998 година станаа и светски шампиони.

Од друга страна, Португалија ќе се бори за својот прв трофеј на Стариот континент. Најблиску до него Португалците беа во 2004 година, кога на свој терен во финалето загубија од Грција со 1-0.

„Триколорите“ на домашен терен се речиси непобедливи. Иако на овој турнир пред почетокот не беа први фаворити, сепак со триумфот над Германија во полуфиналето докажаа дека кога играат на свој терен се подготвени за високи резултати.

Французите во групната фаза ги победија Романија и Албанија, а со Швајцарија одиграа нерешено. Во осминафиналето ја елиминираа Ирска, во четвртфиналето Исланд, а во полуфиналето беа подобри од актуелниот светски шампион, репрезентацијата на Германија.

Португалците по трите нерешени резултати во групната фаза со Исланд, Австрија и Унгарија, во осминафиналето во продолженијата ја елиминираа Хрватска, во четвртфиналето на пенали беа поуспешни од Полска, а во полуфиналето го совладаа Велс.

Вечер финалето ќе се одигра на стадионот „Стад де Франс“ во Сент Дени, во 21:00 часот, а главен судија на натпреварот ќе биде Англичанецот Марк Клатенбург.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top