| четврток, 6 декември 2018 |

Капитенот Швајнштајгер со писмо до навивачите: Благодарност за огромната поддршка

germanija

Синоќешното второ полуфинале на Европското првенство во Франција заврши со победа на домаќинот од 2-0 над репрезентацијата на Германија. Трагичар на овој натпревар беше капитенот Бастијан Швајнштајгер кој беше главен виновник за првиот гол на Французите откако играше со рака во сопствениот шеснаесетик.

Тој како капитен на „панцерите“ во име на целата репрезентација со писмо им се заблагодари на навивачите кои допатуваа во Франција и секако на целата германска јавност за подршката.

– Драги навивачи, за жал нашиот сон не е исполнет, не успеавме да се пласираме во големото финале на Европското првенство. Против Французите имавме повеќе од играта, но ни недостасуваше среќа. Горд сум на пласманот во полуфиналето, на единството во репрезентацијата и што останавме верни на нашиот стил на игра. Иако болат, поразите се дел од фудбалската игра. Оваа можност ја користам да им честитам на Французите за пласманот во финалето – напиша капитенот Швајнштајгер.

Во продолжение на писмото што е објавено на интернет-страницата на германската фудбалска федерација, популарниот Швајни се заблагодари на поддршката од навивачите.

– На вас навивачите сакаме да се заблагодариме на целокупната подршка додека траеше Европското првенство за нас. Вие секогаш бевте нашиот 12. играч и секогаш ја чувствуваме вашата поддршка и поддршката од сите граѓани на Германија – дополни Бастијан Швајнштајгер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top