| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК: Македонија со економски раст поголем од ЕУ и со најниско ниво на јавен долг

Република Македонија излегува од економската дупка. На овој начин Европската комисија ја наслови пролетната економска прогноза за нашата земја, што потпретседателот задолжен за економски прашања Оли Рен денеска ја претстави во Брисел, заедно со прогнозата за сите земји-членки и кандидати за членство во Европската унија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Европската комисија предвидува раст на македонскиот Бруто-домашен производ (БДП) за 1,5 проценти во оваа и точно два отсто за идната година, по дефицитот од 0,3 проценти во 2012 година.

Со предвидениот раст во најновата економска прогноза на ЕК, како и предвидениот јавен долг од 34,3 проценти за 2013, односно 36,1 отсто од БДП за 2014 година, Македонија покажува знаци на силна економска состојба и одржливост, што не може да се каже за самата ЕУ, за Еврозоната и поголем број од земјите-членки на „големото европско друштво“.

Како за споредба, како што објави комесарот Рен, БДП на Европската унија се очекува да остане во дефицит од 0,1 отсто годинава, а во минус 0,4 проценти од БДП во Еврозоната, додека идната година се прогнозира раст од 1,4 отсто во ЕУ, односно 1,2 проценти во Еврозоната.

– Она што не загрижува е податокот што јавниот долг продолжува да расте и во ЕУ годинава е прогнозиран на 89,9 отсто од БДП, додека во Еврозоната на 95,9 проценти, иако максимум дозволено е 60 проценти од БДП. А, долгот во некои земји е неодржлив, порача Рен на денешната прес-конференција по повод пролетната економска прогноза на Комисијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top