Како што жените влегуваат во менопауза, така и мажите имаат свој климакс, кој се нарекува андропауза. Според лекарите, пресвртница е 45. година од животот. Затоа не е чудно ако некои повеќе, некои помалку почнуваат да страдаат од несоница, лошо се расположени или им се намалува либидото. Според медицинските истражувања, една третина од мажите кога ќе наполнат 45 години чувствуваат и физички и психички промени. Во светот проблеми со ерекцијата имаат околу 150 милиони мажи. По 40. година околу половина од мажите имаат еректилна дисфункција.
Основна причина за појава на машкиот климакс е намалување на машкиот хормон тестостерон. Според истражувањата, кај мажите со навршени 40 години хормонот тестостерон се намалува за околу еден процент годишно. Тестостеронот во телото на 80-годишни мажи е на помалку од половина од тоа што го имаат 20-годишни мажи. Нивото на тестостеронот влијае врз вкупната здравствена состојба на мажите. Според лекарите, постои врска меѓу намалувањето на нивото на машкиот хормон, промените во циркулацијата на крвните садови, хипертонијата, дијабетесот, кои со едно име се познати како метаболичен синдром. Лекарите се согласни дека во последните години се забележува зголемување на бројот на мажите што страдаат од недостиг од тестостерон. Според некои прогнози, две третини од мажите ќе имаат здравствени проблеми како последица на зголемување на хормоналното нарушување. Еректилната дисфункција може да се реши само ако проблемите се откријат навреме.
На прашањето дали расте бројот на мажи во Македонија на кои во помлади години им опаѓа нивото на тестостерон професор д-р Чедомир Димитровски, специјалист по ендокринологија во болницата „Аџибадем Систина“, вели дека за тоа нема точни податоци.
– Но, во мојата амбуланта сѐ почесто имам мажи со дефицит на тестостеронот и со абнормалности во ејакулатот – вели професор Димитровски.
Како што жените влегуваат во менопауза, така и мажите имаат свој климактериум, кој се нарекува андропауза. Како се манифестира кај мажите?
ДИМИТРОВСКИ: За разлика од жените, кај мажите андропаузата, или уште се вика АДАМ – од андроген дефицит кај адултни мажи, односно намалувањето на циркулирачкиот машки хормон тестостерон се случува постепено. Андропаузата почнува некаде по 45. година. Дефицитот на тестостерон кај возрасните мажи дава најразлични манифестации, во зависност од степенот и брзината на намалувањето на тестостеронот. Најчести симптоми и знаци се: намалено либидо, еректилна дисфункција, односно импотенција, намалување на волуменот на ејакулатот, намалување на волуменот на тестисите, гинекомастија или зголемување на градите. Потоа доаѓа до намалување на телесната влакнавост, намалување на когнитивните функции, како што е, на пример, помнењето, појавата на топли бранови, но тие не се изразени така како што се изразени кај жените во менопауза, доаѓа до нарушување на спиењето и на видот. Се јавува и депресија, се намалува мускулната маса, а се зголемува висцералната маст (интраабдоминално), како и остеопенија, односно зголемена порозност на коските. Сите овие симптоми и знаци се суптилни и неспецифични, и лесно можат да се превидат или да се заменат со некоја друг патолошка состојба.
Зошто е важен тестостеронот?
ДИМИТРОВСКИ: Тој има многубројни функции, но најважни се половата диференцијација во ембрионалниот развој, развој и одржување на машките полови карактеристики во пубертетот и потоа нормална машка сексуална функција и однесување, сперматогенеза односно производство на машки полови клетки – сперматозоиди.
Дали опаѓањето на нивото на тестостеронот го зголемува ризикот од појава на други болести, како што се кардиоваскуларните и коскено-зглобните?
ДИМИТРОВСКИ: Тестостеронот е важен во одржувањето нормално ниво на мастите во крвта. При дефицит на тестостерон се зголемува нивото на холестерол, а со тоа се зголемува и ризикот за срцев и мозочен инфаркт. Тестостеронот е важен и за одржување на густината и на цврстината на коските. Ако постои дефицит на тестостеронот, полесно се кршат долгите коски и ‘рбетните прешлени.
Дали имате податоци за тоа дали расте бројот на мажи во Македонија на кои во помлади години им опаѓа нивото на тестостерон? Како се манифестира тоа на нивното репродуктивно здравје?
ДИМИТРОВСКИ: Немам точни податоци. Но, во мојата амбуланта сѐ почесто имам мажи на кои им дијагностицирам дефицит на тестостеронот и абнормалности во ејакулатот.
Дали повозрасните пациенти Ви бараат да им препишете „вијагра“? Дали ја препорачувате? Кој смее да ја користи?
ДИМИТРОВСКИ: Многу пациенти во шестата и во седмата деценија од животот се јавуваат поради еректилна слабост. Пред да се препише „вијагра“ или други лекови слични на неа, потребно е комплетно клиничко испитување со одредување на шеќерот и на маснотиите во крвта, проверка на тестостеронот и на други хормони. Постојат одредени контраиндикации за давање „вијагра“, но, за среќа, постојат и други методи за третирање на еректилната дисфункција.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.