Двата гола на Антоан Гризман му пресудија на светскиот шампион. Франција ќе игра против Португалија за трета европска титула во финалето на Европското првенство кое се одржува на нивни терен.
Одлучувачки момент беше пеналот во последната минута од првото полувреме, по што Германците се изгубија во продолжението од натпреварот.
Првата голема шанса ја имаа Французите веќе во 7. минута. Гризман се наоѓаше на десетина метри од голот, упати добар удар, но Ноер одлично реагираше и спаси сигурен гол.
Десет минути подоцна се заканија и Германците. Прво Џан го проигра Милер, кој не успеа најдобро да ја зафати топката, а потоа Лорис одбрани еден извонреден шут на Џан.
Германија во тие моменти беше подобар противник на теренот, Французите беа принудени да се бранат. Крос имаше добар пробив во шестнаесетникот, падна после дуелот со Погба, но судијата Рицоли не се огласи за најстрога казна.
Конечно нова шанса на домаќините на спротивната страна. Паје биеше извонредно од слободен удар, но сепак тоа беше лесен плен за Ноер.
Одличен меч на „Велодром“ во Марсеј, динамично беше на обете страни, нешто што ретко го гледавме во претходните натпревари на ова првенство. Германците повторно се најдоа во шанса, капитенот Швајнштајгер имаше обид, но голманот Лорис успеа да ја одбие топката над пречката.
По триесет минути игра, Милер повторно имаше обид, за малку не стигна да ја зафати топката на пет метри од голот на домаќините. Германците напаѓаа, делуваа многу подобо на теренот.
Французите се обидуваа од слободни удари. Овој пат Погба биеше, но повторно Ноер беше сигурен на голот.
Во финишот на првиот дел, Французите започнаа одлична акција преку Евра, го проигра Гризман по левата страна, кој веднаш биеше од тежок агол и го погоди само надворешниот дел од мрежата.
Жиру ја имаше најдобрата шанса до тогаш за погодок, се најде во ситуација да истрча сам пред голот на Ноер, по една грешка на одбраната на Германија, но сепак не ја смири топката најдобро, по што Хавадес го стигна и со одличен лизгачки старт од позади спречи сигурен гол на домаќините.
Но, веднаш по тоа следуваше шок за Германците. Рицоли во последните секунди од првото полувреме досуди пенал, откако во една спорна ситуација, според него Швајнштајгер играл со рака во дуел со Погба во шестнаесетникот. Гризман беше прецизен од белата точка, го постигна својот петти гол на првенството, Франција замина на одмор со водство од 1-0.
Германците бараа два пенали во првиот дел, на крајот белата точка беше среќна за домашната репрезентација.
Во второто полувреме Французите играа многу посигурно, водството им влеа самодоверба, а уште на самиот старт Жиру и Гризман се заканија на Ноер, пропуштија голема шанса да го декласираат светскиот шампион.
Целосно поинаква слика од првиот дел, Германците делуваа немоќно. Французите поставија бункер пред нивниот гол, се бранеа и чекаа нова шанса. А таа стигна на дваесетина минути пред крајот, Кимик направи огромна грешка во својот шестнаесетник, Погба одлично го помина Мустафи по левата страна, упати центаршут, Ноер за момент ја отсрани опасноста, но неговата одбиена топка стигна до Гризман, кој одлично од прва биеше низ нозете на германскиот голман за високи 2-0.
Германците целосно на колена, со последни сили се обидуваа нешто да направат, но недоволно за „разбувтаната“ Франција. Кимик ја погоди стативата, „панцирите“ едноставно немаа среќа на овој меч.
До крајот Мустафи и Хеведес пропуштија шанси да ја вратат неизвесноста на овој натпревар, мрежата на голот на Лорис едноставно мируваше.
На крајот испадна дека играта со рака на Швајнштајгер го одлучи победникот, но секако и феноменалниот Гризман кој се бори со неговиот противник во финалето, Кристијано Роналдо за титулата најдобар стрелец на првенството.
А нивните репрезентации, Франција и Португалија ќе се борат за европскиот престол, во големото финале кое ќе се одигра во недела, од 21:00 часот, на „Стад де Франс“ во Сент Дени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)