Стопанските комори ги поддржуваат економските мерки на Владата особено оние за поддршка на извозните компании и за инвестирање во инфраструктурните проекти. Ова на денешната прва средба со новиот министер за финасии Кирил Миноски му го порачале претставниците на трите стопански комори во државата.
Тие се надеваат дека и во следниот период ќе продолжи отворената соработка со ресорното Министерство со цел да се обезбеди поволен амбиент за работа на домашните компании и да се отвораат нови работни места.
– Нашата основна цел е да го развиваме приватниот сектор заради тоа што домашните компании се стожерот на македонската економија. Да помогнеме во креирањето на деловно опкружување кое ќе овозможи развој на македонските компании, креирање на производи и услуги со повисока додадена вредност и ќе допринесеме за отворање на пософистицирани работни места што ќе придонесе и за повисоко платени работни позиции кои во крајна линија ќе го зголемат животниот стандард на граѓаните, изјави министерот Миноски по средбата.
Од Стопанската комора на Македонија изразија подготвеност дека и во следниот период ќе ги поддржуваат сите економски политики кои се во насока на поддршка на извозните компании, реализација на инфраструктурните проекти и за поддршка на инвестициите.
– Посочивме голем број на закони кои што се во подготовка, а за кои имаме предлози. Би ја споменала електронската фактура. Во изминатиот период со Министерството за финансии одржавме повеќе средби и благодарение на отворената соработка, ќе одиме на автоматизација на сите електронски пораки и примена на ЕУ директивата од 2014 година за автоматска обработка на електронските пораки и намалување на трошоците за компаниите, рече Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.
За Сојузот на стопански комори, домашното стопанство треба да биде стожерот на економскиот раст во државата.
– Мислиме на поддршка на компаниите кои се извозно ориентирани и оние кои воведуват иновации во своето производство кои отпочнуваат инвестициони циклуси со што придонесуваат и за намалување на невработеноста во државата, рече извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов, додавајќи дека и капиталните инвестиции во делот на инфраструктурата остануваат важен сегмент за работењето на македонските компании.
Во однос на информациите за скратување на средства од ИПА фондовите и за прекинување на активностите на Коридорот 8, од страна на министерот Миноски било укажано дека се работи за непрограмирани средства, а проектите на Коридорот 8 дека продолжуваат со планираната динамика.
– Дваесет и шест милиони евра се однесуваат на неиспрограмирани средства, односно средства за кои не постоеле проекти за да може да бидат искористени. Речиси и да не постои држава која пристапила во ЕУ, а која во оваа фаза во која се наоѓа Македонија, ги искористила 100-процентно средствата. Таков пример во Европа не постои. Во однос на изјавата за замврзнување на 69 милиони евра, таа различно се интерпретира. Врз основа на податоците што ние ги имаме како Министерство, се работи за средства кои не се испрограмирани, односно сме немале проекти за да ги искористиме, појасни министерот Миноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.