Првиот полуфинален натпревар на Европското првенство во Франција заврши со победа на оспоруваната репрезентација на Португалија над Велс со 2-0.
Клучен играч за европските бразилци беше најдобриот фудбалер во светот, Кристијано Роналдо кој се „разбуди“ кога беше најпотребно и со гол и асистенција им ја донесе победата на своите колеги од репрезентацијата за голема радост на целата нација.
Португалија по 12 години повторно ќе игра во големото финале в недела на „Стад д Франс“ а противникот ќе го дознае по вечерашниот дуел меѓу Франција и Германија.
Играчот на Реал Мадрид посакува в недела неговата репрезентацијата да се искачи на највисокото место на пиедесталот и воопшто нема да се срами ако пушти и некоја солза радосница.
– Целиот тим одигра фантастично. Имавме поставено тактика што беспрекорно ја реализиравме и заслужено победивме. Се надевам дека в недела ќе ме видите како плачам од радост. Отсекогаш велев дека сакам да освојам нешто со Португалија, веќе 13 години играм за сениорската репрезентација, нормално е да се најдам во финалето. Пред 12 години загубивме во битката за трофејот, се надевам дека овојпат епилогот ќе биде во наша корист – изјави Роналдо веднаш по големата победа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.