| четврток, 6 декември 2018 |

„Смитсонијан“ објави аудиозапис со македонски изворни песни

Денеска беше промовиран исклучително значаен проект кој се однесува на нашето богато и слоевито културно наследство, нашата изворна македонска музичка традиција.

-Пред македонската јавност денеска го претставуваме аудиоизданието со традиционални македонски изворни песни на  култниот музеј „Смитсонијан“ од Соединетите Американски Држави, во кој е содржано најубавото, исконското, непроценливото македонско музичко богатство, македонската распеана мелодија, македонскиот ритам, илустриран со звукот на традиционалните инструменти. Со посебно задоволство би сакала да потсетам дека овој вреден аудиозапис насловен како „Играј до последен здив“, кој е продуциран од страна на големиот пријател на Македонија, познатиот американски етнограф Мартин Кејниг, чиешто присуство денеска го поздравувам,  со особен успех и пред многубројна публика, минатата година го претставивме и во Македонскиот културен центар, во космополитскиот Њујорк – рече министерката Елизабета Канческа-Милевска.

На американскиот континент, во соработка со Обединетата македонска дијаспора, преку овој проект македонската изворна музика ќе се најде во домовите на голем број Македонци, млади луѓе кои живеат и работат во САД, а кои преку овие песни, ќе црпат инспирација и чувство на припадност кон сопствената земја, но и во домовите на многу Американци за кои овој аудиозапис беше своевиден повик  за разоткривање на  нашата земја, Република Македонија, поттик да ја запознаат земјата во која духот и традицијата се почитуваат, а културата и уметноста се негуваат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top