Гоце Седлоски многу добро ја познава големината на Динамо Загреб, клуб за кој одигра шест сезони, вкупно 138 натпревари и постигна 24 погодоци. Седлоски сите свои трофеи во кариерата ги освои токму со Динамо (по три титули првак на Хрватска и освојувач на Купот на Хрватска, како и два Суперкупови на оваа земја), па јасно е зошто воопшто не беше задоволен кога за ривал на стартот од квалификациите за ЛШ налета токму на својот поранешен клуб.
Сепак, како што се ближи почетокот на натпреварот во Скопје (12 јуни), така расте и оптимизмот дека „вардарци“ ќе можат да му ги замрсат сметките на големиот фаворит.
– Најмалку од сите го посакував Динамо, и поради емоциите, но и поради квалитетот што го поседува. Потежок противник не можевме да добиеме, но што е тука е, нема да плачеме. Нашиот клуб расте во последните години, очекувам тоа да се види на дело токму против Динамо. Верувајте, имаме свои шанси. Колку и да е излитена фразата „денес секој игра фудбал“, ние сме подготвени да го покажеме токму тоа. Па, гледајте какви изненадувања се случуваа на ЕП 2016, зошто ние да не славиме против Динамо. Апсолутно верувам во тоа, каков тренер би бил кога би рекол нешто спротивно. Ако се плашиме од Динамо, подобро да не излегуваме на терен, но ние сме подготвени за тој двомеч, имаме искусни играчи кои знаат како да се постават во европските натпревари – изјави Седлоски за хрватскиот магазин „Макс“.
Стратегот на Вардар смета дека тренерската смена во Динамо Загреб и доаѓањето на Цицо Крањчас може дополнително да ја крене мотивацијата во редовите на хрватскиот шампион.
– Цицо ми беше прв тренер кога дојдов во Динамо, ги знам неговите методи и идеи, па сигурно ќе се подготвиме. Сепак, не сум најсреќен бидејќи промената на тренер секогаш ја крева желбата за докажување, оние кои не играле се борат за поголема минутажа, а оние кои биле стандардни не смеат да се опуштат бидејќи немаат кредити кај новиот тренер, па исто така даваат сѐ од себе. Му посакувам на Крањчар сѐ најдобро, но не против Вардар – порача за крај Гоце Седлоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Вардар испиша историја со најновиот ранкинг на УЕФА
-
Поранешен фудбалер моли за помош: Беше дел од „златниот“ Вардар, а сега трпи за леб (видео)
-
Муслиу си поигра мајтап со Вардар: Ќе потпише со Приштина, па веднаш на позајмица во Шкендија
-
Јаневски: Мора добро да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната, целта е нов трофеј