Левиот бек Дарко Димитриевски заедно со Горан Печенковски се двајцата македонски ракометари од петте засилувања што вечерва ги обелодени раководството на Металург како нови имиња во редовите на клубот од Автокоманда. Македонскиот вицепрвак најави освежување на играчкиот кадар во обид сезонава во подобро светло да се претстави во Лигата на шампионите, за денеска да бидат обелоденети петте нови играчи што Лино Червар ќе ги има на располагање.
Димитриевски доаѓа од унгарскиот прволигаш Чургу и ќе биде дополнително засилување за бековската позиција заедно со Талески, Кузманоски и Нелоски. Крај нив ќе биде и средниот бек Горан Печенковски, кој доаѓа од редовите на Охрид откако претходно настапуваше за екипите на Тинекс Пролет, Преспа и Пелистер.
Покрај двајцата Македонци, нови членови на Металург од денеска се и хрватското крило Мартин Марчец, потоа српскиот бек Немања Обрадовиќ, како и голманот Дарко Арсиќ. Марчец доаѓа од екипата на Вараждин, Обрадовиќ минатата сезона ги бранеш боите на францускиот тим Валанс, додека Арсиќ пристигнува во Скопје од редовите на Металопластика.
Како што објавија од РК Металург, петмината ракометари потпишале двогодишни договори со оваа екипа.
– Досега неколкупати кажав дека македонските играчи ќе ни бидат приоритет во составувањето на екипата, а на тие позиции каде што имаме недостиг од квалитетни македонски играчи ќе дополниме со ракометари од страна. Според тој план, произлезе и првиот бран ангажмани за наредната сезона, така што сите се млади, желни за работа, за учење, за борба и победа, што сметам дека е одличен предуслов да се вклопат во нашата млада и борбена екипа, пред која сезонава претстојат големи предизвици и со кои верувам дека успешно ќе се справиме – изјави Лино Червар, додавајќи дека во периодот што следува е предвидено да се потпишат договори со уште најмалку двајца ракометари, од кои еден ќе биде десен бек.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.