Кај осум жени во рана фаза е откриен карцином на дојка, а 20 се упатени на дополнителни испитувања кај торакален хирург од почетокот на проектот на Министерството за здравство за мамографски скрининг (во април минатата година) досега. Со скринингот се опфатени жени на возраст над 50 години кои се асиптоматски и кои согласно податоците од системот „МојТермин“ не направиле мамографска контрола во последните две години.
Ова денеска на прес-конференција го истакна вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој рече дека од почетокот на скринингот, досега, се извршени 13.545 мамографски снимања од кои 11.088 биле без знаци на карцином, а 2.457 жени (околу 18 проценти од прегледаните жени) се упатени на натамошни испитувања: ултразвук, тенко-иглена биопсија, кор-биопсија итн.
Скринингот, посочи, е организиран согласно европските стандарди и стручни водичи во областа и во моментов се спроведува во 24 јавни здравствени установи.
– Во тек е инсталација на нови пет најсовремени дигитални мамографи низ државата со кој дополнително ќе го зајакнеме мамографскиот скрининг и ќе овозможиме зголемување на бројот на термини за скрининг со што поголем број жени ќе имаат пристап до оваа услуга. Петте мамографи се инсталираат во Здравствен дом Скопје, во општите болници во Гевгелија и Кавадарци, Здравствен дом-Радовиш и Здравствена станица Македонска Каменица, која е во рамки на Здравствен дом – Делчево, потенцира Тодоров и додаде дека во финална фаза е нивната инсталација по што и официјално во период од две до три недели ќе бидат пуштени во употреба.
Со цел детална евиденција за спроведување на мамографскиот скрининг, појасни, се применува посебно софтверско решение интегрирано во системот „МојТермин“ кое овозможува електронска евиденција на сите податоци кои се поврзани со спроведувањето на Националаната програма за рано откривање на рак на дојка, со што значително се олеснува водењето евиденција за спроведување на мамографските прегледи.
Информира дека изработена е и информативна веб страница skrining.mk, преку која се врши информирање за сите активности кои се дел од скринингот, а воведена е и информативна телефонска линија на која сите заинтересирани жени може да постават прашање во врска со скринингот, на кое одговараат доктори кои директно учествуваат во мамографските прегледи.
– Во меѓувреме, воведовме и систем за испраќање на писмена покана за мамографски скрининг по пошта на домашна адреса на жените. Во поканата е наведен телефонски број од соодветен центар за јавно здравје според местото на живеење на кој треба да се јави жената за да го закаже својот преглед во рок од три седмици по добивање на поканата, рече Тодоров.
Тој истакна дека одѕивот на скринингот е одличен, бидејќи речиси сите жени или над 98 проценти од оние кои се јавиле да закажат преглед дошле на закажаниот преглед.
– Со програмата досега се испратени 52.410 покани на домашна адреса, а одѕивот е најголем кај жените на возраст од 50 до 55 години каде одѕивот е околу 50 проценти. Тоа е добро имајќи предвид дека таа категорија се смета за најризична. Процентуално одѕивот кај сите возрасни категории е над 25 проценти што е во рамки на европските стандарди и просеци, посочи Тодоров.
Упати апел до жените кои добиле покана да се јават на телефонските броеви наведени во поканата или за какви било информации да се обратат на телефонскиот број на Управата за електронско здравство „МојТермин“.
Додаде дека од 24 јавни здравствени установи во кои се изведува скринингот најголем број мамографски прегледи се извршени во: Општа болница – Струмица – 2.033 прегледи, Клиниката за радиологија, Клиничката болница во Битола и во Градската општа болница „8 Септември“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.