Домашната репрезентација е последниот полуфиналист на Европското првенство во Франција, откако вечерва на „Сен Дени“ ја победија селекцијата на Исланд со 5-2.
Французите во борбата за финалето ќе се соочат со светскиот шампион Германија во четврток, во 21:00 часот, а ден претходно во истиот термин ќе се одигра првото полуфинале меѓу Португалија и Велс.
Домаќините прашањето околу победникот на вечерашниот последен четвртфинален меч го решија уште во првите 45 минути, кога веќе имаа предност од 4-0. Во продолжение постигнаа уште еден гол, а Исланѓаните успеаа да постигнат два погодока.
Уште во 12. минута од натпреварот Жиру искористи одлично додавање од Матуиди и низ нозете го матираше голманот Халдорсон, за водство од 1-0.
Не се чекаше долго на следниот гол. Во 20. минута Погба беше највисок во скокот по изведениот корнер од Гризман и со глава ја заби топката во мрежата.
Фудбалерите на Исланд не се предаваа, се обидуваа да нападнат, најчесто после аут или слободен удар. Токму од една ситуација по изведен аут Боварсон од втор план биеше од непосредна близина, но сепак само над голот.
Финишот на првото полувреме, сепак, им припадна на разиграните Французи, кои за две минути постигнаа уште два гола и рано ставија точка на мечот.
Во 43. минута Гризман несебично го проигра Паје, кој од 18 метри биеше прецизно по земја во аголот од голот за водство од 3-0.
Во последните моменти од првиот дел, Погба упати силен пас по земја од својата половина кон средината на теренот, Жиру со одлична проценка ја пропушти топката, а Гризман беше побрз од одбраната на Исланд и се најде сам пред голманот, по што со лоб удар го совлада за 4-0.
Второто полувреме започна возбудливо, посебно затоа што Исланѓаните стигнаа до почесниот погодок.
Во 56. минута Сигурдсон од десната страна го пронајде Сигторсон, кој биеше прецизно за 4-1 и огромна радост на многубројните Исланѓани на трибините.
Но, само три минути подоцна Французите повторно ја вратија предноста од 4 гола. Паје изведе слободен удар, извонредно нафрли во средината на шестнаесетникот, а Жиру го надскока голманот и одбраната на Исланд за сјаен погодок со глава и водство од 5-1.
Во последните половина час темпото на игра очекувано падна, Французите веќе почнаа да се штедат за полуфинале, а Исланѓаните трпеливо чекаа уште некоја нивна шанса. Резервистот Ингасон имаше одлична шанса, но неговиот обид со глава го одбрани Лорис.
Еден интересен момент имаше во 83. минута, кога во игра кај Исланѓаните влезе легендарниот Еидур Гудјонсен, кому ова му беше 88. настап за националниот тим.
Минута подоцна, Исланѓаните стигнаа до уште еден погодок. Скуласон центрираше од левата страна, а на вистинското место се најде Бјарнасон и со глава го совлада францускиот голман Лорис за конечни 5-2.
По два дена пауза, на програмата на ЕП се двете полуфиналиња:
Португалија – Велс (среда, 21:00 ч.)
Германија – Франција (четврток, 21:00 ч.)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)