Состојбата на сите 11 деца кои што се примени вчера по трагичниот настан што се случи во Кочани е стабилна. Подобрување има речиси кај сите. За жал, три се во многу тешка состојба, витално загрижувачка. Две се коматозна состојба, со тешка повреда на главата и мозокот и поврзани се на респираторна машина. Ова го изјави Александар Чапароски, директор на Универзитетската клиника за неврохирургија.

– Едно од овие деца, кое што синоќа итно беше оперирано со скршеници на черепот и повреди на мозокот веќе е во фаза на будење, не е респираторно зависно. Кај сите други деца може да кажеме дека состојбата е подобра и моментално се вон животна опасност – изјави Чапароски.
Две деца коишто се наоѓаат на детска хирургија се во добра здравствена состојба и најверојатно денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Едно од повредените лица кои се наоѓаат сеуште во тешка здравствена состојба е девојче. Тоа било пренесено на одделот за пластична хирургија, каде му е направена оперативна интервенција поради санирање повреди на лицето. Интервенцијата траела до 5 часот утрово и потоа повторно е однесено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
Директорката на одделот за хирургија на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ Јованка Чабуковска информираше дека едно девојче на 13-годишна возраст е примено со тешки повреди на црниот дроб и контузија на белите дробови и дека се наоѓа на интензивна нега.
-На Универзитетската клиника за хируршки болести по вчерашната сообраќајна несреќа е донесено едно 13-годишно девојче со повреди на црниот дроб, со масивни контизуиони жаришта на белите дробови обострано и контузија на срцевиот мускул и фрактура на базта на черепот. Девојчето е на одделението на интензивна нега, дише спонтано со стабилни витални параметри. Меѓутоа бидејќи се работи за сериозна повреда и контузија на белите дробови, сѐ уште сметаме дека е во животна опасност – рече Чабуковска.
Како што соопштија, најмалото повредено лице има само седум години, а највозарсното има 15 години.
Од Ургентниот центар информираат дека кај сите 11 примени лица доминираат повреди на главата и на мозокот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


