Македонците, за жал, немаат навика редовно да посетуваат стоматолог и да се грижат за своето орално здравје. Затоа кариесот многу почесто се јавува кај македонските пациенти во споредба со пациентите од западните земји. За жал, кај нас се многу запоставени превентивните прегледи. Тие се неминовни. Но, превентивните прегледи, пред сѐ, се момент на едукација на пациентите. Мора да научат колку е важно оралното здравје, потоа да се едуцираат за начинот на исхрана. Повеќе треба да се јаде свежа храна. Не треба да се заборави и на употребата на флуоридите. Сето тоа треба да биде опфатено во една програма која би се однесувала на вкупното население. Скандинавските земји се лидери кога станува збор за превентивата, вели д-р Владимир Талевски, стоматолог во поликлиника „Аполон“.
Дали Македонците имаат навика редовно да посетуваат стоматолог и да се грижат за своето орално здравје?
ТАЛЕВСКИ: За жал, Македонците не посетуваат редовно стоматолог. Често тоа не е превентивно, ниту, пак, станува збор за контрола, туку се доаѓа кога веќе има проблем кој треба да се реши. Редовните контроли кои се прават на одреден период, во зависност од пациентот, кај нас не се честа појава и пациентите доаѓаат кога веќе имаат силна болка.
Зошто кариесот многу почесто се јавува кај македонските пациенти во споредба со пациентите од други, поразвиени земји?
ТАЛЕВСКИ: Кариесот е еден од најзастапените проблеми што ги решаваме секојдневно, со него има најголема фреквенција. Зошто кариесот е почест кај нас отколку во западните земји? Тоа, пред сѐ, се должи на нашата орална култура, но и на она што претходно го говоревме, редовна посета на стоматолог. За жал, кај нас се многу запоставени превентивните прегледи, кои се неминовни. Но, превентивните прегледи се момент на едукација на пациентите. Мора да научат колку е важно оралното здравје, потоа да се едуцираат за начинот на исхрана. Повеќе треба да се јаде свежа храна. Не треба да се заборави и употребата на флуоридите. Сето тоа треба да биде опфатено во една програма која би се однесувала на вкупното население. Скандинавските земји се лидери кога станува збор за превентивата. Кај нивното население застапеноста на кариес е екстремно ниска. Тие имаат превентивни системски процедури кои се применуваат уште од најраната возраст кај децата, уште во градинките. Тоа подразбира и едукација на родителите кога треба да ги носат децата на преглед кај стоматолог и колку често треба да го прават тоа. Таму учат и за навиките во исхраната, како и за важноста на флуорот во исхраната и за намаленото количество јагленохидрати.
Кои се главните причини за појава на кариес?
ТАЛЕВСКИ: Кариесот како заболување е мултифакторијално. Значи, постојат повеќе фактори што влијаат врз појавата на кариес. Внесувањето храна богата со јагленохидрати е еден од најголемите проблеми, потоа слабата орална хигиена, лошите навики, како што е грицкањето, на пример. Поставеноста на забите, исто така, е многу важна. Неможноста да се исчеткаат забите правилно, исто така, влијае врз појавата на кариес.
Освен кариесот, кој најчесто го препознаваме, кои други болести, исто така, често се јавуваат во усната шуплина, на непцата и на забите?
ТАЛЕВСКИ: Секаква промена во организмот често дава проблеми и во оралната шуплина. Секое заболување може да се манифестира во усната шуплина, па така недостигот од некој минерал или витамин, на пример, често знае да се јави како знак во устата. Исто така, често се среќаваме со гингивитис, кој е прв одбранбен механизам на устата. Парадентопатијата е многу често застапена кај македонските пациенти. Афтозните промени, како стресот, на пример, намалено внесување витамини, опаѓање на имунитетот, исто така, се многу чести заболувања во усната празнина. Во лето често се јавува и херпес и хеилит. Тоа е промена на кожата и на слузокожата на усната празнина. Во лето, на плажа сме изложени на сонце и тој дел од телото треба да се заштитни соодветно со крем или со лабело.
Што може да се стори за да се спречи крвавењето на непцата?
ТАЛЕВСКИ: Крвавењето на непцата или гингивитис е прва, прелиминирана реакција на самата гингива. Кога пациентот ќе забележи црвенило и крвавење на непцата, веднаш треба да се јави на стоматолог. Стоматолог треба да ги отстрани тврдите и меките наслаги од забите и дополнително да даде инструкции за одржување на оралната хигиена, односно самата техника на четкање, користење дополнителни средства доколку утврди дека треба да се употребува гел кој би ги ублажил симптомите. Може да се вклучи и вода за плакнење на устата и соодветна паста за заби за да се намалат симптомите.
Колку често треба да се посетува стоматолог за да се следи состојбата со забите?
ТАЛЕВСКИ: За посета на стоматолог не треба да се чека последниот момент, кога ќе се јави забоболка. Најдобро е најмалку трипати во годината да се оди на контрола. Тоа се однесува за пациенти што се со низок ризик. Но, има и пациенти што се со повисок степен на ризик, а тоа се однесува на тие што имаат системски заболувања. Тие и многу почесто може да посетуваат стоматолог. Во таа група спаѓаат пациентите со дијабетес, бремените жени, пушачите. Стоматолозите треба да имаат контрола на самото забало и на оралната хигиена.
Летото е во полн ек, сите сакаме да се оладиме со студени пијалаци. Како тие влијаат врз глеѓта на забите? Дали постојат препораки за одржување на хигиената на забите за овој период од годината?
ТАЛЕВСКИ: Премногу студени пијалаци се штетни за глеѓта на забите и влијаат врз структурата на забите. Може да направат минимални ерозии. Во овој период треба да внимаваме на газираните пијалаци и на свежоцедените сокови бидејќи нивната концентрација со јагленохидрати е мошне висока. Големото количество јагленохидрати ја намалува пеха-вредноста во устата и тогаш се случува деминерализација на забите. Во овој период, кога се внесуваат вакви пијалаци, не треба веднаш да се четкаат забите. Треба да помине извесно време, да се регулира пеха-вредноста во устата, па потоа да се изврши четкање.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)