Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015), по вторпат ја доделува наградата „Тодор Чаловски“, како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми, за млад автор од Македонија.
Оваа година, наградата му е доделена на Иван Антоновски – поет, есеист, критичар и книжевен преведувач. Наградата резултира со издавање на книга на наградениот автор во македонско – англиско издание во 2017 година.
Иван Антоновски (1990, Скопје) дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како првенец на генерацијата. Автор е на неколку поетски книги, како и на едно прозно дело. Застапен во повеќе домашни и меѓународни поетски антологии и зборници, а делови од неговото поетско творештво се препеани и публикувани и на десетина странски јазици. Негова најнова објавена поетска книга е „Крикови од неископан гроб“ (2013 – прво издание и 2014 – второ издание). Антоновски е автор на неколку книжевни преводи и на студии од областа на книжевната историја и херменевтика, како и од областа на културологијата. Поголем број негови студии е објавен во зборници и во периодиката во земјава и во странство. Негово дело е и книгата со студии и есеи за книжевната теорија и за македонската книжевност „(Не)отворени прашања“ (2014).
Најново дело на Антоновски е збирката есеи и колумни „Острење од тапоста“ (2015). Коприредувач е на антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“ (2012 – во Република Македонија и 2014 – во Република Чешка, на чешки јазик) и на антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“ (објавена во превод и препев на српски јазик, 2014). Бил колумнист и надворешен соработник на неколку македонски електронски и печатени медиуми и еден од првите уредници на првиот македонски електронски неделник за култура „Репер“. Бил визиитинг-предавач на неколку образовни институции во земјава и во странство. Добитник е на неколку книжевни награди, како и на неколку значајни општествени признанија, меѓу кои се и: наградата „26 јули – Франк Манинг“ од Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Фондацијата „Франк Харкорд Манинг“ од Лондон, Велика Британија (2013), за најдобар студент на УКИМ на завршна година на студии, наградата „13 Ноември“ на Градот Скопје (2011), за остварувања во наставните и воннаставните активности од областа на книжевноста и на првата награда „Блаже Конески“ за есеј, доделена од Филолошкиот факултет во Скопје (2010).
Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.