| четврток, 6 декември 2018 |

Игор Дурловски: Наскоро ќе имаме модерна сала која ќе ги задоволува сите стандарди!

Министерката за култура Елизабета Канческа-­Милевска денеска ја посети Македонската опера и балет, каде се реновира големата сала. ­

-Проектот почна пред неколку месеци. Институцијата веќе има избрано фирма која во моментов работи на реновирање на целата сала во МОБ. Реновирањето е од огромно значење за функционирање на оваа наша најголема институција, рече Канческа­Милевска.

Таа информира дека реконструкцијата ќе опфати промена на подот, на сите 730 седишта, на осветлувањето, на двете влезни партии ќе се постават рампи за лицата со посебни потреби, ќе има реконструкција на фоајето, промена на мермерот, ѕидни стакла, молерофарбарски работи… Според договорот, како што рече, се предвидува до крајот на септември да завршат сите активности за институцијата од октомври да почне непречено да работи. ­

DSC_0014

-Од буџетот на Министерството за култура се издвоени околу 62 милиони денари. Во изминатиот период беа издвоени околу 15 милиони денари за реконструкција на системот за греење и ладење за големата сала, кој е ставен во функција. Имаше инвестиции во делот на сцената. Со реновирање на салата ќе се подобрат условите за функционирање и за следење на сите програмски содржини во МОБ, истакна Канческа­Милевска. Министерката за култура соопшти дека ќе се набави систем за превод и титлување на сите претстави, при самите седишта. Освен македонски, ќе има превод на англиски, германски, албански…

Директорот на МОБ Игор Дурловски нагласи дека добиле огромна поддршка од Министерството за култура за да го реализираат проектот. ­

-И како гледач и како уметник, често публиката кажува дека столчињата не се удобни и оти е време салата да се реновира. Во програмата што ја напишав кога конкурирав за директор на МОБ, беше дека ќе се трудам да донесам дел од странската публика кај нас. За такво нешто треба услови. Условите благодарение на Министерството за култура ќе ги имаме и верувам дека наскоро ќе имаме модерна сала која ќе ги задоволува сите стандарди, рече Дурловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top