| четврток, 6 декември 2018 |

Шкендија го елиминира Вардар и ќе игра против Тетекс во финалето на купот

Шкендија го го изненади шампионот Вардар, ремизираше 1-1, во реванш мечот од полуфиналето во националниот фудбалски куп и на 22. мај ќе се врати на „Филип втори“ арената, за финале против Тетекс. Дерби за Тетово, ќе гледа публиката во Скопје.

Претходно, Тетекс го надигра Силекс со 2-0 и со вкупен резултат од 3-0 се пласира во големото финале.

Вардар и Шкендија, вечерва под светлоста на рефлекторите на „Филип втори“ арената во Скопје, одиграа реванш меч со две различни полувремиња. Првото беше слабо, без течност во играта и без шанси. И кога личеше дека и реваншот ќе заврши без голови како првиот дуел во Тетово, во второто полувреме, работите се сменија. Имаше многу, со зрели шанси на двете страни. Играчите на Вардар на двапати ја погодија гредата, еднаш Шабани шутираше во дирекот на спротивната страна, а одлуката стаса во финишот од мечот.

Во 81.минута, Елмедин Реџепи постигна еврогол од 25 метри за гостите од Тетово, што се покаже како решавачко за тоа која екипа ќе игра во финалето.

Сепак, Вардар не се предаде и израмни во 88. минута со погодокот на Филип Петров. Одличниот центаршут на Милан Илиевски од десната страна, го искористи десното крило на Вардар и ја погоди мрежата на гостите. Огромна шанса домаќините пропуштија во последните секунди од мечот. Јован Костовски од близина ја погоди гредата на противничкиот гол и не успеа да направи пресврт, за пласман на Вардар во финалето.

На крајот имаше и инцидентни ситуации. Домаќините протестираа за аршинот на кој Марјан Ецкоски од Охрид ја делеше правдата, а полицијата се судри со домашните навивачи „Комитите“. Тие се обидоа да влезат на теренот, но припадниците на МВР ги спречија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top