| четврток, 6 декември 2018 |

Новите инвестиции ќе отворат 950 директни и 1000 индиректни работни места

industriska-zona-bunardhik

950 директни и околу 1000 индиректни работни места ќе донесат петте нови странски инвестиции, коишто ги најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Со претходно најавените 18, вкупно 23 нови инвестиции влегуваат во Македонија од почетокот на годинава.

Една од поголемите, која тежи половина милијарда евра, е концесијата на конзорциумот Евромакс ресурс за рудникот Иловица во Босилово. Само за градежните работи ќе бидат ангажирани околу 1000 работници, а предвидено е вработување на 600 рудари.

По трет пат во Македонија ќе инвестира и италијанската компанија Текнохозе. Тие во јули започнуваат со изградба на трета фабрика која ќе доведе до нови вработувања. Оттаму се одлучија да ги користат бенефитите од зоната Бунарџик.

Меѓу новонајавените инвестиции се и западноевропска компанија од металуршката индустрија, која би отворила 100-тина работни места во охридско, германската Кеслер со 50-тина вработувања во новоизградена фабрика во ТИРЗ Скопје 1 од електро-машинската индустрија, како и германска компанија која се занимава со информатичка технологија, а ќе започне со 100 нови вработувања, лоцирана во Скопје.

Груевски најави дека владата ќе продолжи да работи на ново намалување на невработеноста. Претходно 200 работни места за информатичари отвори холандската компанија Симфони Солушнс, новата инвестиција на Џонсон Контролс ќе доведе до вработување на 2.500 лица, а поголема побарувачка на работна сила се очекува и во Кочани со кинеската инвестиција за оризопроизводство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top