Клиниката за гинекологија и акушерство остро реагира на написот објавен на 25 јуни 2016 година во Фокус, со наслов со наслов “Скандал: Околу 80 бебиња починале на Клиниката за гинекологија за 6 месеци, а само 20 во последните две недели” заради необјективни и непроверени податоци кои се изнесени во него.
Реакцијата на клиниката ја пренесуваме во целост:
Ве информираме дека директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје не е контактиран ниту телефонски ниту преку СМС за податоците кои се изнесени во написот на Фокус. ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје е терциерна здравствена установа, која годишно има 5500-6000 раѓања, иако во првобитно проектираниот нов објект проценетиот капацитет беше 3500 раѓања.
Во интерес на здравјето на населението на Република Македонија клиниката користи значително повеќе од проектираните капацитети, без притоа да бидат нарушени светски прифатените протоколи за работа.
Во работата на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје учевствуваат 470 вработени кои 24-часовно крајно професионално си ја извршуваат својата работа, зависно од работната позиција на која се распоредени.
Токму заради заштита на интегритетот на овие вработени ние како институција цениме дека е неопходно да реагираме на непроверените податоци кои се изнесени во медиумите.
Нашата целокупна работа е јавна и достапна преку годишните извештаи на Републичкиот завод за статистика, кои се објавуваат на крајот на секоја година. Важно е да се спомене дека според официјалните податоци на заводот доенечката смртност во Република Македонија има тренд на опаѓање, во 2004 година 13.2 промили, додека пак во 2015 година бил 8.5 промили.
Користење на дел од податоците, се уште неофицијални и необработени, и нивно ставање во контекст на напад на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје го сметаме како навреда за целиот колектив, односно за вработените кои секојдневно во 24-часовен континуитет совесно ја извршуваат својата работа.
За да не се објавуваат сензационалности добро е да се комуницира со професионалците кои стручно и аргументирано ќе ги изнесат официјалните податоци.
Проблемот на перинатална смртност е сложен и опфаќа повеќе ризик фактори кои влијаат на него, фактори од страна на мајка, плод и постелка. Процентот на перинатална смртност е висок и во побогати и поразвиени земји од нашата, претставува проблем со кој и тие тешко се справуваат.
ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје е единствена терциерна здравствена установа која што ги згрижува сите деца, од цела територија на Република Македонија, според проектот на Светска банка и Министерство за здравство за превенција на прематуритет, транспортот на овие деца се врши ин утеро само и единствено на УГАК.
Постојат многу фактори кои го влошуваат перинаталниот морталитет, како што се нередовни контроли кај матичен гинеколог, нетретирани инфекции кај мајката, за кои проблеми ние преку стручните здруженија континуирано настојуваме да се решат и надминат.
Во однос на конкретниот случај за пациентката, за која спротивно на закон изнесовте податоци, остро реагираме на начинот на кој се изнесени идентификационите податоци. Матичниот број на клиничка историја на болеста е податок кој подлежи на Законот за заштита на лични подароци и на Законот за медицинска документација. Очекуваме од институциите на системот да покренат постапка против медиумот за изнесување на овие податоци, како и за нарушување на угледот на клиниката.
Во интерес на заштита на личните податоци на пациентката ние ќе одбегнеме понатамошно изнесување на податоци во јавноста со цел да се спречат понатамошни манипулации и злоупотреба на истите.
Но, сепак, поведени од Хипократовата заклетва ве информираме дека кај пациентката е постапено крајно стручно и професионално, првенствено во интерес на здравјте и животот на мајката.
На крај во интерес на вистината и само вистината Уптравата на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје им стои на располагање на сите заинтересирани и овластени лица да направат увид во официјалната докуметација.
На Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Скопје доаѓаат најтешките случаи од оваа област во државата, а единствено тука има Одделение за интензивна неонатална нега и терапија. Бројките за смртност на новороденчиња на ГАК изнесени во јавноста се вадат од контекст. Тренд се прави врз основа на едногодишна, петгодишна или повеќегодишна анализа и податоци, а не врз база на податоци за седум дена, истакнаа денеска на прес-конференција лекари од ГАК.
– Многу е лошо кога се вадат од контекст одредени бројки. Бројките кога се презентираат треба да бидат експлицитни врз основа на едногодишна или повеќегодишна статистичка обработка. Смртноста на бебињата е намалена на 8,5 во 2015 година, во споредба со 13 отсто во 2013 година, рече д-р Драган Тантуровски, раководител на Онколошкото одделение на Клиниката, коментирајќи податоци од новинарски текст објавен вчера.
На новинарско прашање, д-р Тантуровски рече дека Клиниката и тој ништо не кријат од јавноста и оти не знае врз која основа е правена статистиката. Увид, како што кажа, се прави врз основа на податоци од една или пет години, тренд не се прави врз основа на седум дена.
Не би можел, реле тој, да коментира за вистинитоста на медицинските документи наведени во текстот, но најави правна разрешница поради изнесување на медицинска документација од болницата.
– Искрено жалам што се случуваат настани на оваа Клиника кои не се примерни за ниедна институција со вакво реноме односно излегување на официјална медицинска документација која е професионална тајна и затоа Клиниката има правна служба која адекватно ќе одговори, рече д-р Тантуровски.
Примариус д-р Снежана Јанчевска, раководител на Одделението за интензивна неонатална нега и терапија, единствено од ваков тип во земјата, истакна дека во Одделението на секое бебе му се посветува посебно внимание, оти некогаш тоа работи и над своите капацитети. Предупреди дека треба да се биде крајно внимателен кон статистичките обработки.
– Работиме и со екстремно недоносени деца. Најзастапени се оние кои се под 27-ма односно под 25-та гестациска седмица, дури и 21 гестациска седмица. За жал смртноста се случува во семанаталниот период што значи во првата седмица од животот на детето што е огледало на условите во кои што се наоѓало кога било фетус односно било плод, рече примариус д-р Јанчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)