| четврток, 6 декември 2018 |

Богов: Македонија да ја стабилизира политичката ситуација

bogov_2

Курсот на денарот ќе остане стабилен, земјата нема да падне во инфлација, не се очекуваат проблеми кај девизните резерви, а поголеми ризици носи континуираната политичка криза која втора година се рефлектира кај кредитирањето. Ова го истакна гувернерот на НБРМ Димитар Богов денеска на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет каде на дневен ред беше Извештајот за работата на НБРМ за 2015 година.

Тој додаде дека поради политичката криза, земјата минатата година не го оствари планираниот раст од 4 отсто. ­

-Стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото гарантира дека нема да има големи турбуленции и кај нашите извозници. Тие главно извезуваат кон еврозоната, кон земји кои се деноминирани во евро, така што тука не треба да има дилема. Ниска инфлација и стабилен курс на денарот останува како политика на Народната банка и во наредниот период- истакна Богов.

Според него нестабилните глобални финансиски движења ќе продолжат и во наредните години, а неизвесноста ќе расте доколку и други земји од ЕУ решат да го следат британскиот чекор.

-Македонија да ја стабилизира политичката ситуација, бидејќи во турбулентни времиња какви што претстојат по излезот на Британија од ЕУ, на земјата и требаат намалени ризици- порача гувернерот Богов. Тој додаде дека Македонија е мала економија и оти ние не можеме да влијаеме на глобалните движења, но потенцира дека она низ што ќе поминува економијата на Европската унија ќе има влијание и на нашата економија, затоа што македонската економија е извозно ориентирана кон ЕУ и од тоа не може да избегаме.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top