Петнаесетгодишната Антониа Гиговска само што ја заврши првата година во скопската гимназија „Јосип Броз –Тито“. Како и секоја тинејџерка, таа има голем круг на другари и на пријатели со кои ужива да го минува слободното време.
Но, за разлика од многу нејзини врсници, Антониа одамна ја знае својата животна страст и веќе работи на нејзино остварување. Таа пет години активно се дружи со музиката посетувајќи часови по естрадно пеење кај професорката Ана Костадиновска во училиштето за млади таленти „МЦ Естрада“.
Досега има учествувано на шест меѓународни фестивали во земјава и во странство, од каде што се врати со три први места и со три гранпри.
– Сите ми се мили, но ако треба да издвојам, тоа би било првото место во Рига, Летонија и Гранпри наградата во Москва, Русија бидејќи и на двата фестивала имаше голема конкуренција од преку дваесет европски и азиски држави – го почнува разговорот Антониа.
Нејзината љубов кон музиката, вели, ѝ е оставена во наследство.
– Потекнувам од музичко семејство, мајка ми беше долгогодишна фолклористка, татко ми свиреше хармоника и клавијатури, а брат ми Дарко ми е најголема поддршка во тоа што се обидувам да успеам, а тоа е музиката – вели таа.
На „Пинкови ѕвездички“ се пријавила сама, одлука на која влијаело и нејзиното семејство.
– Ја гледав првата сезона и си помислив дека и јас можам да се обидам со моите врсници од останатите балкански држави кои ќе се појават на овогодишното натпреварување. Се одлучив за ова натпреварување бидејќи кај нас вакви настани има сѐ помалку. Тоа подразбира и долги и скапи патувања, но желбата за докажување беше голема – вели Антониа.
Иако е задоволна од нејзините досегашни настапи и што покажа на големата сцена, нормално, секогаш може и подобро.
– Но, тоа е жив настап. Имам 3-4 минути и треба да ја неутрализирам тремата, со која мислам дека успешно се борам, но одговорноста е голема. Те следат очите и ушите на релевантно жири, полна сала навивачи и неколкумилионски аудиториум крај малите екрани. А, не е еднаш. Досега поминаа дванаесет круга и исто толку настапи и од круг во круг се трудам да бидам сѐ подобра бидејќи и конкуренцијата е одлична. Се стекнав со голем број пријателства помеѓу натпреварувачите и како одминува натпреварот, сме сѐ поблиски. Станавме како едно големо семејство. Иако сите знаеме дека во секој круг некој мора да испадне, по секој круг има плачење поради тоа што помалку ќе се дружиме со тие што ќе испаднат – вели таа.

Праќам огромен поздрав за моите две нови сестри, Елена и Мартија од „Пинкови ѕвездички“. Ние три сме си суперподдршка една на друга, си помагаме и мислам дека засекогаш ќе бидеме заедно!
Жири-комисијата на натпреварувањето досега не штеди комплименти и одлична критика за нашата кандидатка.
– Прекрасно е чувството кога по стресниот настап ќе слушнам убави зборови за тоа што сум го изнела на сцената. Тоа е валоризација за целиот труд што сум го вложила, паѓаат во вода и долгите и исцрпувачки патувања, отсуствата од училиште – вели Антониа и додава дека не може да не ги поздрави соучениците, кои бескрајно ја поддржуваат, и да им заблагодари на сите професори, посебно на класната раководителка Марга и на директорката Тања.
За Антониа појавувањето на сцена значи да е поодговорна кон тоа што го прави.
– Mе прави среќна бидејќи тоа што го правам, го правам со голем мерак. Аплаузот од публиката и, досега, убавите критики од жирито ме прават среќна и горда Македонка бидејќи, досега, успешно ги бранам боите на нашата држава – вели Антониа.
Но, покрај огромниот успех на „Пинкови ѕвездички“, на фестивалското деби на „Макфест“ не само што имаше одличен настап и пофалби од јавноста, туку и ги освои третото место и наградата за дебитант на фестивалот.
Таа настапи со песната „За нас“, која е дело на Кире Костов и на Миодраг Врчаковски.
– Песната многу си ја сакам бидејќи ми е прва и во неа како да се пее за мене. За музиката и за аранжманот сѐ уште не сум компетентна да зборувам, но ме радува што, покрај мене , им се допаѓа и на многу други консументи на убави ноти. Мислам дека песната убаво ја донесов на штипската сцена. Жирито, колегите пејачи и гласовите преку СМС решија да освојам трето место и награда за најдобар дебитант на фестивалот, што за мене претставува страшно голем успех! Па, јас имам само 15 години, дури и не сум свесна за тоа што ми се случува деновиве – се смее младата скопјанка.
За иднината се надева дека ќе ѝ биде поврзана со музиката.
– На „Пинкови ѕвездички“ стигнав до второто полуфинале. До крај остануваат уште три емисии, ако одам до крај. Се надевам на добар успех, но и ова што го испеав досега, ме прави горда и среќна. До крајот на годината имам договорено, со менаџерот Марјан Катароски, уште три фестивали. Првиот е во август – „Езерски бисери“ во Струга. Потоа во септември во Неапол, Италија и, ако се остварат плановите, во декември во Хаифа, Израел – завршува Антониа.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 198. број на неделникот „Република“, 17.06.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.