| четврток, 6 декември 2018 |

Исланд продолжува да испишува историја, со победата над Австрија обезбеди пласман во осминафиналето (видео)

island

Репрезентацијата на Исланд продолжи да ја испишува својата фудбалска историја на ЕП во Франција. Во 3. коло од групата Ф Исланѓаните не само што останаа непоразени, туку ја совладаа Австрија со 2-1 за своја прва победа на европските шампионати. Траустасон беше херојот на Исланѓаните постигнувајќи го голот за победа во 93. минута со кој неговата репрезентација се искачи на второто место во групата, па сега во осминафиналето ќе ги одмери силите со Англија, на 27 јуни со почеток во 21 часот.

Исланд подобро го почна натпреварот, но обидот на Гунарсон заврши во гредата. Австријците одговорија со промашен зицер на Арнаутовиќ, по што „сино-белите“ стигнаа и до водство. Арнасон изведе долг аут од десната страна, топката стигна до Бодварсон, кој одлично се снајде во мешаницата и успеа да ја затресе мрежата на противникот. Сосема очекувано, Австрија целосно се отвори по примениот гол, но разочарувањето уште повеќе се зголеми откако беше направен пенал врз Алаба, но Драговиќ од белата точка го погоди само дирекот од исландскиот гол.

Австрискиот селектор веќе на самиот старт од второто полувреме ги уфрли во игра Јанко и Шепф, а токму овој вториот го постигна израмнувачкиот погодок во 60. минута од натпреварот. И овие 1-1 не им беа од корист на Австријците, кои продолжија да напаѓаат, оставајќи огромен простор зад себе. Тоа го искористија Исланѓаните кои со брз контранапад преку Траустасон стигнаа до конечна победа, со која се искачија на второто место на табелата, кое им ја носи Англија како ривал во осминафиналето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top