Постојат различни облици на телото, па ако сакате да ги истакнете своите предности или да ги скриете недостатоците, прво мора да одредите каков тип на тело имате и која облека најмногу ќе ви прилега.
Облик на песочен часовник
Кај овој облик на телото се нагласени градите и колковите, а обемот на половината е тенок. Овој облик се смета за најпожелен поради женствените атрибути. За оваа градба, едноставноста е најдобар избор. Едноставни маици со деколте и ракави со должина до средината на подлактницата се добар избор. Избегнувајте слоеви во облекувањето и носете ремени за да го нагласите обемот на половината. Одбирајте убаво скроени и струкирани палта, јакни и капути, а најдобра должина е таа што завршува над колковите. За вас совршено здолниште е тоа што завршува во должина на коленото. Добро ви прилегаат и тесни панталони или такви што ја следат линијата на телото. Избегнувајте широка облека, но и премногу тесна. Добро ќе ви прилегаат маици со ве-израз.
Тркалезен облик на телото
Кај овој облик обемот на половината е поизразен од градите и од колковите, а предност се убавите нозе и складната пропорција меѓу лицето, вратот и градите. Одберете облека што ќе ги нагласи вашиот врат, раменици, раце и нозе, што ќе даде елегантен тон, витост, па и младоликост. Бидејќи имате тркалезен облик на телото, целта е да се истакне горниот дел од телото. Тоа значи дека треба да создадете обем на половината што го немате, а тоа може да го постигнете со струкирани јакни и палта. Вам ви прилегаат и асиметрични фустани од кремасти ткаенини, јаки и лелеави ракави. Добро ви прилегаат панталони со тесен, рамен или трапезен крој, секако во комбинација со чевли со потпетица. Одберете фустани со набор околу половината кои ќе го сокријат стомакот, а должината на здолништето треба да биде до средина или малку над коленото.
Облик на триаголник
Кај овој облик предност се убавите, обликувани нозе, тенката половина и привлечните колкови. Горниот дел на телото е виток, но поради широките колкови треба да избегнувате тесни маици и кошули бидејќи тие само ќе го нагласат долниот дел од телото. Облекувајте се во слоеви. Ви прилегаат полудолги ракави, широки јаки, долги трапезни панталони кои даваат добра рамнотежа и складност во долниот дел на телото. Носете ги со високи потпетици. Одбирајте јакни, маици со ве-израз и интересен накит за визуелно да го продолжите вратот. Избирајте темни нијанси на панталони. Од здолништа за вас се препорачливи тие со крој во форма на А, кој лесно паѓа и ја нагласува тенката половина. Добро ќе ви прилегаат и тесни здолништа.
Облик на превртен триаголник
Овој облик на телото го красат широки раменици, тесна половина и убави нозе. Ако сакате да ги покажете нозете во панталони, секогаш комбинирајте со туника која ќе го прекрие задникот. Убаво прилегаат широки јаки и длабок ве-израз бидејќи тие помагаат да се ускладат горниот и долниот дел на телото. Избирајте едноставни модели, без набори, а ако сакате поженствени модели, одберете кремасти ткаенини или, пак, маици со лелеави ракави. Тоа ќе им даде на рамениците нежен и женствен изглед. Избирајте фустани со нагласена половина и панталони со лелеав крој за да имате рамнотежа меѓу долниот и горниот дел на телото. Добро ќе ви стојат долги и лелеави здолништа и здолништа со крој во форма на А.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.