На првиот уписен рок на конкурсот објавен за постдипломски студии на Институтот за филм-Филмска академија Охрид за новата, академска 2016/17 година се пријавија 18 кандидати, од кои 11 ги исполнија условите за прием и тие ќе стартуваат од октомври. Ова на денешната прес-конференција го соопшти заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Тој информира дека дел од студентите се на постојните, но дел и на новопонудените студиски програми за камера, режија, монтажа и за монтажа на дизјан на звук за кои, како што рече, во тек е процесот на набавка на целокупната и неопходната опрема и средства за теоретска и практична реализација на наставата.
Ристовски потенцира дека студентите се информирани за можноста за стипендирање и очекува да аплицираат до 15 септември годинава во МОН и да добијат стипендија во вредност од 9.000 евра на годишно ниво.
– Радува тоа што имаме студенти не само од Република Македонија, туку и од САД, Мексико, Ирска, Естонија, Индија…, што само потврдува дека оваа образовна институција за краток временски период одлично се позиционира на регионалниот образовен простор, но и пошироко, што е и една од целите на нашите заложби за градење препознатлив образовен центар во областа на филмската индустрија, рече Ристовски.
Вториот уписен рок за студирање на Институтот за филм-Филмска академија Охрид е во тек и трае заклучно со 1 август.
– Очекувам во следниот период да се пријават и други кандидати кои се интересираа, се јавуваа и комуницираа со менаџментот и наставниот кадар на оваа образовна установа, но од разни причини не успеаја да ги комплетираат документите и да аплицираат во првиот рок, рече Ристовски. Сите студенти кои ќе бидат примени, важи можноста да бидат стипендирани од МОН, под услов да не се корисници на стипендија од друг давател.
Годинава, како што рече, поддршката во тој дел е значително зголемена.
– Ако минатата година доделувавме 20 стипендии, сега конкурсот предвидува да бидат доделени вкупно 30 во полн износ. Повеќе информации околу уписите и стипендиите можат да се обезбедат на интернет страницата на mon.gov.mk и filmacademyohrid.com, рече Ристовски.
Тој потсети дека кон крајот на минатата година се основаше Филмската академија Охрид која, како што рече, врши трансмисија на дологодишната традиција, стандардите и принципите на престижната и петта најстара филмска и телевизиска школа во светот ФАМУ од Прага. Академската 2015/16 ја завршиај седум студенти, постдипломци на двете понудени студиски програми-за сценаристика и драмтаургија и за креативна продукција, кои добија целосна стипендија од МОН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.