Една третина од населението во Македонија пуши цигари. Според истражувањата, во Македонија младите првата цигара ја палат на 15 години, иако има сознанија дека има и деца што првата цигара ја запалиле уште пред да навршат девет години. Процените говорат дека една цигара го намалува животот за 11-12 минути. Според СЗО, чадот од цигарата содржи четири илјади хемиски супстанции од кои за 50 се смета дека предизвикуваат рак, а многу други супстанции се токсични, вели д-р Силвана Ончева од Институтот за јавно здравје.
Колкав е бројот на полнолетното население во Македонија што пуши цигари? Како да се искорени оваа штетна навика?
ОНЧЕВА: Се проценува дека една третина од населението во Македонија пуши, односно околу 700.000 лица. Тоа што охрабрува е дека опаѓа бројот на млади што имале искуство со цигарата. Откажувањето од пушење цигари е тешко, ако се земе предвид дека никотинот што е содржан во цигарата е високо адиктивна материја и предизвикува зависност и многу често се случува пушачите што се откажале од пушење повторно да се вратат на цигарата. Светските истражувања говорат дека дури 98 проценти од лицата што престанале да пушат за период до една година повторно се враќаат на пушењето. Затоа е многу важно да се пренесе пораката до младите да не почнуваат да пушат или, ако веќе почнале, колку што е можно поскоро да ги остават цигарите.
Што значи една испушена цигара за организмот?
ОНЧЕВА: Процените говорат дека една цигара го намалува животот за 11-12 минути. Според СЗО, чадот од цигарата содржи четири илјади хемиски супстанции од кои за 50 се смета дека предизвикуваат рак, а многу други супстанции се токсични. Чадот содржи ацетон, амонијак, арсен што се користи за труење глувци, бензен, бутан, кадмиум, јаглероден моноксид, формалдехид, хексамин, метанол, толуен, никотин и др. Амонијакот и формалдехидот содржани во чадот влијаат на имуниот систем. Јаглеродниот моноксид го заменува кислородот во крвните клетки, така што помалку кислород стигнува до виталните органи, па срцето мора забрзано да работи за да ги задоволи потребите од кислород кај клетките. Другите токсични материи содржани во катранот од цигарата се таложат во белите дробови и таму остануваат засекогаш. Никотинот од цигарата го зголемува крвниот притисок и пулсот, додека во мозокот влијае да се ослободи допаминот- хормонот што дава добро чувство. Кога ќе опадне нивото на допамин, организмот има потреба повторно да се внесе никотин, што понатаму води кон зависност. Стручњаците сметаат дека никотинот предизвикува исто толку зависност колку што предизвикува хероинот. Никотинот ја намалува циркулацијата на крв низ организмот. Чадот од цигарата го зголемува отпорот во дишните патишта и го намалува капацитетот на белите дробови.
Истражувањата покажале дека речиси 40 отсто од македонските тинејџери пушат. Дали овие податоци треба да нѐ загрижуваат? Дали овие тинејџери продолжуваат и во подоцнежните години да пушат цигари?
ОНЧЕВА: Се смета дека младите најчесто почнуваат да пушат цигари на возраст од 15 години, иако има и деца што првата цигара ја запалиле уште пред да навршат девет години. Истражувањето ЕСПАД спроведено со ученици на возраст од 16 години во 2015 година покажа дека 38,4 отсто од младите имале искуство со цигарата во текот на животот, додека во 1999 година нивниот број изнесувал 56,5 отсто, што значи дека опаѓа бројот на млади што пушат цигари. Вкупно 24,2 проценти од учениците изјавиле дека пушеле цигари во текот на последниот месец. Од нив, 1,9 отсто пушеле повеќе од 20 цигари дневно. Дали младите ќе продолжат да пушат во животот зависи од многу фактори. Како и да е, континуираната едукација е многу важна во превенција на пушењето. Младите имаат право да дознаат за штетите од пушењето. Во прилог на намалувањето на бројот на пушачи, секако, влијаеја и забраната за рекламирање на цигарите и рестриктивните мерки – забрана за пушење цигари на јавни места.
За кои болести пушењето цигари е фактор на ризик број еден?
ОНЧЕВА: За многу и за најчестиите како кардио и церебро-васкуларните болести како што се срцев инфаркт, мозочен удар, затнување на артериите на екстремитетите, односно морбус биргер. Се оштетуваат и белите дробови, доаѓа до појава на хронична опструктивна болест, емфизем. Ракот на белите дробови најчесто се јавува кај пушачи, но и ракот на грлото, устата, панкреасот и на други органи се поврзува со пушењето. Дури и дишењето чад од цигарата кај непушачи, односно пасивно пушење, исто така, може да предизвика рак кај непушачите. Никотинот од цигарата се обвинува за појава на толеранција и на зависност. Тој, исто така, влијае на покачување на нивото на холестерол во крвта и го поттикнува згрутчувањето на крвта во крвните садови.
Дали тоа значи дека сите пушачи ќе се разболат или дека секоја болест поврзана со пушењето ќе се јави кај сите пушачи?
ОНЧЕВА: СЗО смета дека пушењето одзема 12-20 години од животот и е причина за 21 отсто од смртните случаи. Се смета дека 100 милиони луѓе во светот умреле како последица од пушењето. Секако дека нема сите болести да се јават кај сите пушачи. Проблемот кај пушењето е што штетните ефекти се согледуваат по повеќе години пушачки стаж, кога организмот веќе развил зависност и многу е тешко да се откаже од пушењето. Голем број луѓе не ги поврзуваат здравствените проблеми со пушењето како што е срцевиот или мозочниот удар.
Се формираа и советувалишта за откажување од цигари. Дали се посетени? Дали има информации колкумина успеале да се откажат од оваа штетна навика?
ОНЧЕВА: Од 2014 година во центрите за јавно здравје се формирани советувалишта за откажување од пушењето. Пред тоа беше едуциран и кадарот што работи во центрите за јавно здравје. До денес, во советувалиштата биле опфатени 654 лица со групно советување и 41 со индивидуално советување. Во однос на успешноста во откажувањето од цигарата потребно е да се направат дополнителни истражувања. Пушењето предизвикува долгорочна зависност, се смета за хронична болест, така што мал е бројот на тие што дефинитивно се откажале од тутунот. Докажано е дека се работи за зависност. Зависноста е толку голема колку што е зависноста од хероин. Кога никотинот е внесен на ниво на клетка во мозокот, тој повторно бара да биде внесен.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)