Познат е расплетот и во групата Б на Европското првенство во Франција. Изненадувачки, Англија е на второто место зад Велс, кои вечерва ја декласираа руската репрезентација, додека „Гордиот Албион“ одигра без голови против Словачка.
Фудбалерите на Велс се пласираа во осминафиналето на ЕП, откако ја торпедираа Русија со 3-0 во последниот меч од 3. коло во групата Б. Англија одигра само 0-0 против Словачка и како второпласирана патува во осминафиналето, а дебитантот Велс заврши на првото место во групната фаза.
Селекторот на Англија, Рој Хоџсон конечно им ја исполни желбата на навивачите и од првата минута стартуваше со Џејми Варди и Даниел Стариџ, стрелците на головите во победата над Велс во претходното коло, но овој пат на клупата остана Вејн Руни.
Англичаните беа подобар противник на теренот во најголемиот дел од натпреварот.
Најдобрата шанса во првото полувреме ја имаше Џејми Варди во 17. минута, но словачкиот голман Козачик одлично реагираше во таа ситуација.
Во вторите 45. минути имаше повеќе диманична игра и шанси за гол. Најпрво Словаците се најдоа во можност за погодок, после една несмасна реакција на Смолинг и недоразбирањето со голманот Харт, но Роберт Мак не успеа тоа да го казни.
Само минута подоцна, во 53. минута, одлична акција на спротивната страна на Стариџ и Клајн, кој упати силен удар од десната страна, но Козачик повторно беше на висина на задачата и извонредно интервенираше.
Нова шанса Англичаните имаа во 61. минута преку нововлезениот Деле Али, кој го замени Лалана, беше проигран од Хендерсон, но Шкртел одлично реагираше и го спречи неговиот удар пред самата гол линија.
Во игра влезе и Вејн Руни, на местото на Вилшер. Во тие моменти темпото на игра беше паднато, кога токму Руни се најде во шанса за гол, шутираше од 18-тина метри, но само покрај голот на Козачик.
Хоџсон се обиде и со Кејн во последните 15 минути на местото на Стариџ, вршеа притисок Англичаните, но Словаците се бранеа, последните 20-тина минута играа без напаѓач, псотавија целосен дефанзивен бункер. До крајот немаше промена на резултатот, натпреварот заврши без голови.
Словачка – Англија 0-0
Во другиот натпревар од групата Б немаше ниту малку неизвесност. Репрезентацијата на Русија во својот разочарувачки настап на ова ЕП вечерва го одигра најслабиот натпревар од сите три.
Велшаните умешно ја искористија слабата игра на Русите и уште во првото полувреме направија убедлива предност.
Водечкиот гол го постигна Арон Ремзи во 11. минута.
Само девет минути подоцна Нил Тејлор од два обиди успеа да ја испрати топката во мрежата зад рускиот голман Акинфеев за водство од 2-0.
Ремзи имаше уште една шанса да се запише во листата на стрелци, но неговиот проектил од триесетина метри Акинфеев успеа да го одбрани.
Во второто полувреме иста слика на теренот. Русите изгледаа како едвај да чекаат да заврши ова нивно мачење и да се врата дома, а за нивниот пораз да биде уште поубедлив се погрижи првата ѕвезда на Велс, Герет Бејл.
Во 67. минута Ремзи асистираше до Бејл, кој се најде сам пред рускиот голман и рутински ја спроведе топката во мрежата за конечни 3-0.
Велс – Русија 3-0
Со оваа победа Велс заврши на првото место во групата Б, а Англичаните со 5 бода ќе патуваат во осминафиналето како второпласирани. Словачка се трети и со изгледни шанси за пласман во наредната фаза, а Русите со 1 бод го завршуваат нивниот настап на ова ЕП.
Конечна табела Група Б:
1. Велс 6 бода
2. Англија 5
3. Словачка 4
4. Русија 1
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)