На истакнатиот словенечки и светски режисер Томаж Пандур постхумно ќе му биде доделена наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот во рамките на Интернационалниот театарски фестивал МНТ- ФЕСТ, на 24 јуни, во Македонски народен театар (МНТ). Наградата ќе ја подигне неговата сестра, драматургот Ливија Пандур пред изведбата на неговата последна претстава „Фауст“, соопштија од МНТ.
Наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот, МНТ-ФЕСТ ја доделува на крајот на фестивалот и досегашни добитници се: лондонскиот „Глоуб“ театар (2014 година) и истакнатиот унгарски и европски режисер Атила Видњански (2015 година).
-Награда му се доделува за целокупниот опус и креативноста која ја остави зад себе. За Пандур се вели дека ако Никола Тесла е гласник на модерната технологија, тогаш Томаж Пандур и неговите проекти го најавуваат театарот на новиот милениум. Неговата сценска естетика е оригинална и тој остави пример за чист пристап, истрајност, изразена виртуозност и безвременска магија. Оценет е како алхемичар во театарот и истражувач на новите медиуми и изразни сретства на актерската игра – велат од Националниот театар.
Со ненадејното заминување на големиот режисер Пандур, светскиот театар изгуби едно од најзначајните режисерски имиња на денешницата, човек со огромен креативен набој, потенцијал и енергија и режисер со кој актерите и соработниците уживаа во работата и новитетите во секој нов проект.
Пандур во средношколските денови ја формира театарската група Тесписов воз – Нов словенечки театар. Дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија, во Љубљана, Словенија. Во последните десетина години Пандур активно соработуваше со различни театари. По успешната кариера во Словенија и на некогашниот ју театарски простор, се стекнува и со светско реноме работејќи на разни европски и светски сцени.
Томаж Пандур, со Ливија Пандур, во Мадрид (Шпанија) го основаа театарот Pandur.Theaters, кој многу бргу се наметна со својата програма на европски и светски театар. Режисер е на: Фауст (Љубљана, 2015), Крал Лир (Атина, 2015), Фаусто (Мадрид, 2014), Медеја (Загреб, 2012), Хамлет (Мадрид, 2009), Калигула (Загреб, 2008), Тесла Електрик (2006), Божествена комедија: Пекол, Чистилиште, Рај(Хамбург, 2001/02), Вавилон (Марибор, 1996), Кармен (Марибор, 1993) и Фауст (Љубљана, 1988).
Од 1988 година, добитник е на низа признанија и награди како Златна маска МЕСС (1990), Бојан Ступица за животно дело (1992) и Изабела Католичка, државно признание на кралството Шпанија (2011).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.