| четврток, 6 декември 2018 |

Два од два за Италија на ЕП, овојпат со минимална победа над Шведска (видео)

Репрезентацијата на Италија дојде до втората победа на Европското првенство кое се игра во Франција, совладувајќи ја Шведска со 1-0.

eder

Иако избраниците на Антонио Конте со својата препознатлива игра во одбраната можеби ќе беа задоволни и со бод на денешниот дуел, сепак во самиот финиш од мечот дојдоа до целиот плен и три бода со голот на Бразилецот со италијански пасош Едер.

Играчот на Интер успеа да искористи една топка од Симоне Заза кој му ја спушти топката со глава, а овој во манир на голем стрелец најпрвин успеа да претрча неколку шведски одбранебени фудбалери и да го надмудри голманот на Швеѓаните Исаксон кој можеби беше најдобар поединец во својата репрезентација.

Шведска за време на целата средба беше инфериорен противник затоа што немаше ниту една посериозна шанса, а поразителен е и фактот дека Ибра и пријателите втор меч по ред немаат шут во рамки на голот. Швеѓаните најдобрата шанса ќе ја имаа да изедначат во финишот кога Јохансон падна во шеснаесетникот, но судијата Виктор Касаи реши да не покаже на белата точка.

Со триумфот над Шведска, Италија е вториот осминафиналист на Европското првенство по домаќинот Франција. За „аѕурите“ ова е втор пат на едно ЕП да влезат со две победи по ред. Првпат тоа им успеа пред 16 години, на ЕП 2000 кое се одржа во Белгија и Холандија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top