-Денеска сакам да ве информирам дека во согласност со одредбите од Статутот на СДСМ, ја истакнувам својата кандидатура за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македнија. Јас сум еден од членовите на СДСМ кои секогаш силно ја критикуваат власта на Никола Груевски, но и убеден дека и грешките на Социјалдемократскиот сојуз не треба да се премолчуваат – посочи денеска ексдиректорот на Агенцијата за разузнавање, Кире Наумов, кој влезе во трка по лидерското место во најголемата опозициона партија.
Тој вели дека ова го прави и врз основа на барањето од голем број членови на СДСМ, кои после неговите настапи во јавноста, го поттикнувале да ја истакне својата кандидатура за оваа функција.
Имам концепт со кој може СДСМ да стане реална и прифатлива политичка алтернатива за сегашната власт. Имам визија како да ја вратиме надежта кај работниците, осиромашените, кај невработените, маргинализираните групи и кај сите чија основна желба е да живеат достоинствено од својот труд . Имам сила и волја да ги обединиме сите наши членови и подржувачи, повторно заеднички да ја градиме социјалдемократската идеја. Кадровскиот потенцијал на Социјалдемократскиот сојуз е огромен. Во СДСМ има квалитетни луѓе кои се спремни и способни заеднички да ги направиме потребните промени. Се кандидирам за претседател на Социјалдемократскиот сојуз затоа што сметам дека сум способен, дека имам знаење, дека имам енергија да ја извршувам оваа функција. Се кандидирам затоа што знам дека постои начин Социјалдемократскиот сојуз со добар концепт, со добар тим, и пред се со нов начин на дејствување, повторно да стане победничка партија. Подготвен сум со сите членови, заеднички и искрено да го трасираме новиот пат на Социјалдемократскиот сојуз. Од овој момент ја барам подршката на секој член, на месните организации, општинските организации, членовите на Централниот Одбор и делегатите на Конгресот за мојата кандидатура за претседател на Социјалдемократскиот сојуз, за нов и победнички СДСМ – додаде Наумов.
Во интервју за „Република“, наравено еден ден по првиот круг од локалните избори, кога и најави дека ќе се кандидира за лидер на опозицијата, Наумов посочи:
СДСМ мора да ја добие својата легитимност, не само со критика на оваа власт, туку со програма што ќе покаже дека ја добива легитимноста. СДСМ мора да стане необична политичка елита. Треба прво да се врати на тоа што го има загубено – идеолошката матрица.Во последните четири години има променет однос кон меѓунационалните прашања, пред сè кон Албанците. Нејасен или погрешен однос кон сите маргинализирани групи во општеството. СДСМ има нејасен и променлив став за прашањето на името. Потоа отвореноста, да продуцира пријатели, а не непријатели.Тука мислам на новинарите и на медиумите, интелектуалците, деловната заедница. Со такво приближување кон народот можете да ја делегитимирате власта и кај народот да се претставите како партија што работи за потребите на граѓаните и на нивните интереси. Основа на сево ова е економската политика. Мора по конгресот да се направи програма, во која ударно место ќе има економијата. Да се објасни дека тоа што се случува сега во оваа власт е нејзината основна делегитимност. Имате висок степен на социјална сигурност, но без економска власт. Исплаќате пензии, плати, субвенции, но тоа не го правите врз некоја база, која можете да ја соберете од даноци, туку го правите врз основа на задолжувања. СДСМ треба да покаже дека ќе има социјална сигурност и поголема од оваа сега, но ќе се темели на економска база, економијата ќе создава средства. Вака како што работи ВМРО-ДПМНЕ на социјална сигурност без економска база е начинот на кој пропадна социјализмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


