Група навивачи на Русија на Евро 2016 се депортирани со придружба на француската полиција по нередите во Марсеј, кои се случуваа пред натпреварот Англија – Русија, во рамките на вториот натпреварувачки ден од Европското првенство во фудбал.
Француските обвинители ги обвинија околу 150 Руси дека биле “тренирани хулигани за тепачки“, кои побегнале од полициските лисици.
Вчера пак, шестмина Англичани беа упасени поради нивното учество во масовните тепачки.
УЕФА во меѓувреме им се закани и на двете репрезентации дека ќе бидат дисквалификувани доколку нивните фанови продолжат со нереди во текот на првенството.
Француските власти соопштија дека уапсилe 63 лица поврзани со насилство од почетокот на Евро 2016 и воведоа забрана за консумирање алкохол во близина на стадионите.
-Побарав да се спроведат сите неопходни мерки за да се забрани продажбата, консумирањето и транспортот на сите алкохолни пијалаци на чувствителните места за време на натпреварите и ден пред тоа, како и во деновите кога фан зоните ќе бидат отворени, изјави францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казенев.
Тепачката меѓу руските и англиските хулигани сѐ уште е актуелна, а сега се појавила и една неверојатна снимка.
Еден руски навивач носел “GoPro” камера и од прво лице ја снимал тепачката со Англичаните на улиците во Марсеј, пред натпреварот помеѓу двете селекции.
Камерата му била закачена на градите, а по многуте судири му паднала, но и покрај тоа снимени биле неколку сурови напади на противниците кои лежеле на земја.
Тоа што е уште пострашно е фактот дека не сакале да сопрат – трчале по улиците на Марсеј и константно барале нови места и луѓе кои би можеле да ги нападнат.
Според новинската агенција АФП, околу 150 руски навивачи отпатувале во Марсеј со намера да ги нападнат навивачите на Англија.
Сојузот на навивачи на Руската федерација најостро го осуди инцидентот и вели дека тоа фрла сенка врз сите руски навивачи и Русија како земја-домаќин на Светското првенство во 2018 година.
Англиските навивачи веќе искажуваат загриженост за патувањето во Русија за Светското првенство. Некои, пак, мислат дека Русија не треба да биде домаќин на првенството после нередите во Франција.
Александар Шпригин, кој е на чело на Сојузот на навивачи на Руската федерација, соопшти дека 29 фанови биле придружувани од полицијата до аеродром, од каде што биле депортирани назад во нивната земја.
Околу 35 луѓе беа повредени, повеќето од нив Англичани, додека 20 беа уапсени во Марсеј.
Официјалните претставници на Еуро 2016 се загрижени дека Англичаните и Русите би можеле повторно да се пресметаат, бидејќи се собираат во Лил во наредните 3 дена.
Британската влада се понуди да испрати дополнително полициско засилувањње во Франција пред следниот натпревар на Англија.
Доктор Џоел Роквуд, психолошки аналитичар, познат во фудбалскиот свет, вели приоритет на руските хулигани е да се степаат со англиските, наместо да ја следат својата репрезентација.
– За овие многу насилни хулигани, ова е како спорт. За нив е многу значајно да ја добијат битката надвор од теренот. Тие се многу добро организирани и ефективни. Се чини дека не и се плашат на полицијата воопшто, вели тој.
Вчера, Игор Лебедев, дел од Извршниот комитет на Рускиот фудбалски сојуз порача дека Русите завршиле добра работа со тепањето и ги охрабри да продолжат.
– Не гледам што има лошо што навивачите се тепаат. Напротив, тие беа во право, продолжете!, порача Лебедев на Твитер.
Според него, вината е во француската полиција и нивната неспособност да ги организира настаните.
Дополнително, во интервју за руски медиум, Лебедев потенцира дека Русите биле провоцирани од англиските навивачи, но и дека министерот за спорт на земјата, Витали Мутко, бил подготвен да влезе во пресметките.
– Лично, мислам дека доколку Мутко беше со навивачите а не официјален претставник, исто така ќе учествуваше во тепачките против Англичаните, кои самите ги иницираа, вели Лебедев.
Од друга страна, капитенот на англиската репрезентација, Вејн Руни и тренерот Рој Хоџсон, побараа од навивачите да се воздржат од понатамошни “лудувања“.
– Сакам да им се заблагодарам на англиските навивачи за поддршката внатре во стадионот против Русија. Сега следи голем натпревар со Велс, и ве замолувам ако немате билет, да не патувате во Франција, им порача Руни на хулиганите.
Хоџсон пак, побара од Англичаните да се воздржат од беснеење по крвавите пресметки во Марсеј за време на викендот.
– Како тренер на Англија, очигледно сум загрижен за заканата (од УЕФА) која виси над нас и санкциите кои би можеле да следат. Работевме напорно да стигнеме до тука, затоа ве молам воздржете се насилство, вели Хоџсон меѓу другото во видео-обраќање кон фановите.
За насилствата во Марсеј се огласи и главниот обвинител, според кој, Русите биле “тренирани за да се тепаат“.
– Имаше околу 150 руски навивачи кои реално се хулигани, вели тој, дополнувајќи дека во пресметките настрадале Англичаните.
Ситуацијата по натпреварот Германија – Украина што заврши со победа на Германците со 2:0 беше релативно мирна, но, пред натпреварот, сепак имаше судири на радикални навивачи на двата тима.
Не постои доказ за тепачка, но, на снимката што се појави на интернет може да се забележат лица што фрлаат столчиња на улица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)