| четврток, 6 декември 2018 |

Падна првата жртва, ирски навивач почина во Ница

severna irska navivaci

По низата сериозни инциденти, третиот натпреварувачки ден за жал ја донесе и првата жртва на Европското првенство во Франција. Станува збор за 24-годишен навивач на Северна Ирска, кој го загубил животот во Ница пред натпреварот против селекцијата на Полска. Полициските власти во францускиот град ја потврдија смртта на Ирецот, потенцирајќи дека станува збор за „несреќен случај“ бидејќи тој во алкохолизирана состојба се лизнал на шеталиштето и при падот од осум метри се здобил со фатални повреди.

– Трагичниот настан се случи пред натпреварот Полска – Северна Ирска. Многу навивачи беа на шеталиштето и пиеја огромно количество на алкохол во моментот кога еден од нив падна од променадата. Жртвата беше експресно однесена во болница, но таму само беше констатирана смрт – изјави портпаролот на полицијата во Ница.

Полицијата потврди дека дошло до низа инциденти во центарот на градот откако навивачи на Северна Ирска и на Полска биле нападнати од француски хулигани, но потенцираше дека тоа нема никаква поврзаност со трагичниот настан и смртта на ирскиот фан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top