| четврток, 6 декември 2018 |

Модриќ со еврогол ја совлада немоќната Турција (видео)

turkey-croatia-euro2016-modric

Хрватските фудбалери ја совладаа селекцијата на Турција со 1-0 во првиот натпревар од групата Д на Европското првенство во Франција.

Клучниот момент се случи во првото полувреме, кога во 41. минута Лука Модриќ со извонреден волеј-удар од 25 метри со совлада турскиот голман Бабакан и им донесе на Хрватите големи 3 бода.

Во центарот на вниманието денес беше и Ведран Чорлука, кој после еден дуел ја напукна и раскрвари главата, поради што на неколку пати му беше укажувана лекарска помош и натпреварот го доигра со преврзана глава.

turkey-croatia-2-euro2016

Хрватските репрезентативци подобро го отворија мечот, веќе во втората минута Ракитиќ ја имаше првата шанса, но за малку не беше прецизен.

Хрватите беа поконкретен противник на теренот, ја држеа топката на противничката половина, додека Турците беа прилично неубедливи.

Следните две шанси исто така беа на Хрватите, солидни обиди имаа Брозовиќ и Манџукиќ, но голманот Бабакан ги одбрани нивните шутеви.

Во 29. минута конечно Турците имаа одлична шанса да дојдат до водство. После центаршутот од десната страна, на вистинското место се најде Туфан, но неговиот удар со глава од пет метри го одбрани Субашиќ.

turkey-croatia-4-euro2016

Хрватите продолжија со притисокот и тоа им се исплати во 41. минута, после центаршутот на Ракитиќ, еден од турските дефанзивци ја одби топката во висина, по што ја сочека Модриќ и со феноменален волеј-удар од 25 метри биеше прецизно кон голот и го совлада Бабакан.

 

Во второто полувреме Хрватите продолжија со исто темпо. До 55. минута Брозовиќ имаше две шанси за погодок, потоа стопроцентна шанса пропушти Срна, кога остана сам на втората статива, но со послабата лева нога неговиот шут заврши само покрај голот. Капитенот на хрватската селекција неколку минути подоцна повторно имаше шанса за дуплирање на предноста, откако од слободен удар од 20 метри ја погоди пречката на голот.

turkey-croatia-3-euro2016

Избраниците на Фатих Терим беа целосно безопасни, па турскиот селектор се обиде со измени, до 70. минута ги искористи сите три, со што Сен, Јилмаз и Мор ги заменија Озиакуп, Тосун и неприметниот Туран, но ниту тоа не донесе некаква промена во играта на „бледиот“ турски состав.

turkey-croatia-7-euro2016

Во 72. минута повторно пречката на голот ја сочува мрежата на Турците, Манџукиќ одлично центрираше од десната страна, а Перишиќ упати школски удар со глава кон спротивниот агол, но топката заврши во пречката.

Брозовиќ во 79. минута ја пропушти и својата четврта шанса за гол на мечот, кога неговиот удар со глава го одбрани Бабакан.

Турците во вториот дел најблиску до погодок беа од еден слободен удар, на 15 минути пред крајот кога Еркин шутираше, но неговиот удар лесно го одбрани Субашиќ.

Хрватските фудбалери до крајот имаа уште голема шанса за убедлива победа, Ракитиќ го проигра Перишиќ, кој се најде сам пред голот, но во ситуацијата еден-на-еден поуспешен беше турскиот голман.

Како краен епилог, Хрватите сосема заслужено дојдоа до победата, а турските фудбалери ќе мораат многу да ја подобрат играта доколку сакаат да се изборат барем за второто место, кое води во следната фаза.

Следниот натпревар на програмата е во 18:00 часот, дуел од групата Ц помеѓу репрезентациите на Полска и Северна Ирска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top