| четврток, 6 декември 2018 |

Меси со хет-трик ја декласираше Панама, Чиле едвај против Боливија (видео)

messi-argentina-copa-america-2016

Репрезентацијата на Аргентина оствари убедлива победа во вториот меч на Копа Америка. „Гаучосите“ беа голем фаворит против Панама, добро го започнаа натпреварот, уште во седмата минута Отаменди го постигна првиот гол по одличната асистенција од Ди Марија. Панама во првото полувреме останаа со 10 играчи на теренот поради двата жолти картони на Годоја, но и покрај тоа, добро се носеа против далеку посилниот противник.

Во вториот дел, во 61. минута во игра влезе „опоравениот“ Меси на местото на Фернандез. Тогаш започна ноќната мора за Панама. За само 18 минути, најдобриот фудбалер на светот постигна три гола, а вториот негов од слободен удар вреди посебно да се издвои.

При крајот Агуеро го постигна петтиот гол за конечни 5-0. Со оваа победа Аргентина си обезбеди четвртфинале.

 

Во вториот натпревар во групата, Чиле потешко од очекуваното стигна до победа против Боливија.

Првото полувреме помина без голови. На самиот старт од вториот дел Видал го постигна водечкиот гол за Чилеанците, но Боливијците не се предаваа, беа рамноправен противник на теренот. 15 минути подоцна голот на Кампос од слободен удар ги заледи срцата на чилеанските навивачи.

Сепак, во дополнителните минути Видал вторпат е прецизен, овој пат од сомнително досуден пенал, со што ги постави конечните 2-1 и првите бодови за неговата репрезентација, која загуби во првото коло од Аргентина.

 

Аргентина – Панама 5-0
Чиле – Боливија 2-1

Табела:
Аргентина 6
Чиле 3
Панама 3
Боливија 0

Во последното коло Аргентина игра против Боливија, а Чиле со Панама, меч кој ќе одлучи за второто место во групата. На Чиленците доволно им е и реми за пласман во следната фаза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top