| четврток, 6 декември 2018 |

Инаугурација на стратешки проект за трансформација и модернизација на образованието

Воспоставеното партнерство помеѓу Владата на Република Македонија, Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Microsoft Македонија и TDK компјутери започна со реализација на Microsoft Showcase Classroom. Станува збор за пилот „Proof of Concept“ проект, кој има за цел да го прикаже начинот на кој во реална образовна средина (училница) функционираат производите, алатките и платформите на Microsoft, специјално создадени и наменети за користење во образовниот систем во Република Македонија. Целта на проектот е трансформација и модернизација на нашето образование во една попродуктивна, иновативна, креативна и организирана средина.

4

Проектот Microsoft Showcase Classroom стартува со доделување на Windows таблети потребни за изградба на пилот училници и имплементирање на потребната техничка и софтверска инфраструктура во две училишта: Основното Училиште Петар Здравковски – Пенко во Скопје и Медицинското средно училиште Никола Штејн во Тетово.

Главната цел на проектот е модернизирање и олеснување на образовниот и наставниот процес во сите насоки (директор-наставници, наставници – ученици, ученици – ученици, вклучувајќи ги и родителите). Притоа училишната институција ќе се претвори во уште поорганизирана и покреативна средина за учење и соработка, а ќе се зголеми интересот и ангажираноста од страна на учениците во наставниот процес и самостојната работа, поголем развој на нивниот целосен потенцијал преку учење со користење на информатичко-комуникациските технологии.

„Нашата заедничка цел преку овој проект е да покажеме и докажеме дека употребата на технологија во наставата го олеснува процесот на учењето, ја подобрува наставата и кај учениците се стекнуваат  современи и дигитални вештини. Нашата долгорочна цел е да училиштата се трансформираат  во уште повеќе организирана и  креативна околина за учење и соработка. А кај учениците да се се зголеми интересот и вклучувањето во процесот на учење, да работат самостојно, и  поголем развој на нивниот потенцијал. Опсегот на овие програми и технологии спроведени во нашето образование исто така ќе овозможи остварување на нашата визија кон трансформација и модернизација на нашето образование. “ изјави Министерот за Образование и Наука, Пиштар Лутфиу

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Тимчо Муцунски  изјави дека ова е еден од приоритетите на Владата на Република Македонија. Во тек се неколку проекти кои имаат крајна цел да извршат трансформација и модернизација на нашето образование.

“Минатата година беше потпишан меморандум за разбирање помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација и технолошкиот лидер Microsoft.  Воведувањето на пилот проектот “Microsoft Showcase Classroom”,  всушност претставува конкретен проект кој што произлегува како резултат на нашите заеднички напори и партнерството.”- рече Муцунски.

„Мicrosoft во партнерство со локалната компанија TDK Компјутери донира околу 60 моќни моќни Windows таблети за стартување на Microsoft Showcase Classroom и ќе организира серија на настани во обем на обуки, демонстрации и други презентации кои што ќе прикажат како платформите и технологиите на Microsoft овозможуваат настава и учење од 21-от век, искуство од учење за сите во секое време – на секое место. На наставниците да има покажеме и демонстрираме како технологијата се користи во наставата и за да откријат што истата може да направи во училницата, како на пример, со алатката Мајкрософт  OneNote Class Notebook како да создадат динамични предавања во соработка и комуникација со учениците. Нашата цел е да им покажеме на наставниците како учениците можат да бидат инспирирани да постигнат повеќе, да учат и да се развиваат. Додека со пилот Office 365 во двете училници нудиме платформа која овозоможува сеопфатна сценарија за комуникација и соработка за училишната администрација, наставниците, учениците и родителите.“ вели Љупчо Георгиев, генерален менаџер на Microsoft Македонија.

„Среќни сме што во партнерство со Microsoft и Влада на РМ ќе работиме по овој пилот проект, кој верувам дека може да допринесе за револуционерна трансформација на образованието во нашата држава. Од наша страна се обезбедуваат моќни Windows таблети и стручни специјалисти кои ќе се грижат за целосната инсталација и имплементација на хардверот и софтверот, така што потоа сите наставници, учениците и директорите од двете училишта да можат да ги користат таблетите и Microsoft алатките во реална средина.” изјави Јордан Димитровски, директор на TDK Компјутери.

Ваквиот стратешки проект претставува нова димензија на образованието и едукативниот процес, со кој  на најефикасен и најфлексибилен начин ќе им се овозможи на сите ученици и професори да остварат поголема координација,  организација и ефективност на заедничкиот наставен процес. Microsoft Showcase Classroom овозможува целосна модернизација и трансформација на образованието и придонесува за зголемена ефикасност во образовните системи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top