| четврток, 6 декември 2018 |

Кралот се разбуди, Кливленд се враќа во игра (видео)

По двата убедливи порази во Окленд, Кливленд Кавалирс се врати во игра во финалната серија на НБА лигата откако ноќеска славеше со убедливи 120-90 во првиот меч на домашен терен против Голден Стејт Вориорс.

lebron dzejms

Одличното издание на Кливленд беше најавено со извонредната прва четвртина што овој тим ја доби со 33-16. Гостите ја преполовија предноста на противникот со добрата втора четвртина, но потоа следеше нов налет на кавалирс за убедлива и апсолутно заслужена победа. Домаќините доминираа под обрачите (52-32 во скокови), а најдобар поединец вообичаено беше Леброн Џејмс со 32 поени, 11 скокови и 6 асистенции. Кајри Ирвинг постигна 30 поени за Кливленд, кој на овој натпревар настапи без повредениот Кевин Лав.

– Стручниот штаб заврши одлична работа посочувајќи ни ги грешките од претходната средба, имавме пред себе одличен план за игра што го реализиравме во текот на 48-те минути – изјави Леброн Џејмс.

За Џејмс ова беше 82. плеј оф натпревар во кариерата во кој постигнал најмалку 30 поени, а пред него од овој аспект се само Коби Брајант (88) и Мајкл Џордан (109).

Стеф Кари со 19 поени беше најефикасен во таборот на шампионот, пред Барнс со 18, додека Клеј Томпсон одигра далеку под своите можности со скромни 10 поени зад своето име.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top